Дали бебињата сакаат сами да заспиваат?
Објавено: 16 јануари, 2014, во 11:26 часот
Изминатите години меѓу педијатарите владее дебата дали е подобро бебињата да се успиваат или да се остават да плачат. Некои сметаат дека малите деца се „робови на навиките“ и дека по неколку денови плачење ќе научат самите да се успиваат.
Експертите, кои се заговорници на идејата дека бебињата треба сами да се успиваат, тврдат дека бебињата не би требало да се држат во раце, додека противниците на оваа теорија велат дека мајките треба да ги слушаат своите инстинкти и да го земат бебето, кога сметаат дека му е потребна утеха.
Меѓутоа најновите истражувања покажаа дека бебињата не сакаат да бидат сами. Дури и кога ќе престанат да плачат и ќе се навикнат на ситуацијата, тоа не значи дека поинаку се чувствуваат.
Научниците го мереле нивото на хормонот на стрес кај бебињата, кои плачат и кај оние кои самите се успиваат и дошле до заклучок дека е исто. Детето е натаму е незадоволно поради тоа што родителите не го успиваат, само сега поради тоа не плаче.
За време на истражувањето е следено нивото на хормонот на стрес и кај мајките и кај бебињата. Повеќето деца на возраст до десет месеци не можеле самите да се успијат, а мајките биле во друга просторија додека бебињата плачеле. До третата ноќ бебињата плачеле околу пет минути, што е значителен напредок во однос на 30-минутното плачење првиот ден.
Меѓутоа дури и за тие неколку минути нивото на кортизол и натаму било мошне високо. Но нивото на хормонот на стрес опаѓало кај мајките бидејќи тие мислеле дека фактот што бебињата не плачат значи дека се среќни.
Експертите тврдат дека единствена мана на оваа студија е тоа што кусо траела, така што научниците не можеле да утврдат дали нивото на кортизол кај бебињата ќе се намали со тек на време.
