Веганска исхрана за намален ризик од срцеви заболувања

Објавено на 15 септември, 2014 во 09:04

Веганската исхрана со малку јаглени хидрати наречена ’Еко-Аткинс’ е ефикасна во намалување на телесната тежина во слабеењето, а ново истражување покажа и дека го намалува ризикот од срцеви болести.

Според д-р Дејвид Џенкинс од болницата „Сент Мајкл“ во Торонто многу диети кои се засноваат на намалено внесување јаглени хидрати дават резултати во слабеењето. Меѓутоа, тие вообичаено подразбираат консумирање протеини и масти од животинско потекло, што го подигнуваат нивото на холестерол.

Од друга страна, диетите богати со протеини и растителни масла, се поврзуваат со намален ризик од срцеви болести, затоа што го намалуваат нивото на таканаречениот лош холестерол.

Имајќи предвид дека ’Еко-Аткинс’ се состои од намирници сиромашни со јаглени хидрати, а богати со протеини и масла, тимот од „Сент Мајкл“ сакал да провери дали таа го намалува и ризикот од болести на срцето.

За потребите на студијата објавена во магазинот BMJ Open, истражувачите испитале 39 мажи и жени со вишок килограми.

Учесниците биле поделени во две групи: едната се придржувала на ’Еко-Аткинс’ диетата шест месеци, додека за тоа време другата група се држела до исхрана богата со јаглени хидрати, а сиромашна со масти.

Исражувачите и препорачале на првата група да внесува околу 60 проценти од препорачаната дневна енергетска вредност на храната. Освен тоа, целта била 26 проценти од дневната исхрана да ја сочлинуваат јаглени хидрати, 31 процент протеини и дури 43 проценти масти, претежно растителни масла.

На крајот на истражувањето, тимот открил дека учесниците кои се придржувале на ’Еко-Аткинс’ диетата имаат 10 проценти понизок холестерол и изгубиле во просек два килограми повеќе во однос на другата група.

Научниците пресметале дека таквиот ритам го намалува ризикот од срцеви болести за 10 отсто во текот на десетгодишен период.

Според д-р Џенкинс, овие резултати може да се применат и на општата популација, затоа што учесниците имале слобода сами да ги бираат намирниците и големините на порциите.

Храната богата со влакна, како овес и јачмен, биле составен дел од ’Еко-Аткинс’ диетата, како и зеленчукот со ниска содржина на скроб.

Извори на протеини биле јаткастите плодови, глутенот и сојата, додека главен извор на масти биле растителните масла, авокадото и производи од соја.

Коментирајќи ги резултатите, научниците заклучиле дека „Диетата со намалено внесување на јаглени хидрати и повеќе протеини од растително потекло, како глутен, соја и јаткасти плодови, со растителни масла, нудат можност за намалување на лошиот холестерол и телесната тежина, како и ризикот од срцеви болести“.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.