Афористичката репрезентација на Македонија годинава награди двајца велешани
05.04.2021
По неколку децениска посветена работа на пишувањето афоризми и сатира, афористичарот Димитар И. Вилазорски одлучи да не биде само член на жири комисија за отценување и доделување на награди, и ја освои првата награда на афористичкото матине. Станува збор за престижна национална награда во овој вид на творештво што годинава организаторот за тема ја избра областа „Правда“. Во силна конкуренција составена од врвни македонски афористички имиња, Вилазорски сепак за добивањето и врачувањето на наградата, што во саботата се случи во излетничкото време „Кај дабот“, во близина на Кочани, рече:
„Првата награда што годинава ја освоив на конкурсот на Афористичката репрезентација на Македонија, му ја посветувам на еден човек, човекот кој што пред 13 години, кога бев залутал, ме врати на ѕвездените патеки на сатирата, човекот кој неуморно ја презентира македонската сатира во светот, кој секогаш е подготвен да им помогне на колегите сатиричари. Тој во неколку наврати ме претставува како најдобар другар меѓу афористичарите и најдобар афористичар меѓу другарите. Затоа јас сега, возвратно, ќе речам: Оваа награда му ја посветувам на најдобриот другар меѓу афористичарите и најдобриот афористичар меѓу другарите, на Велемајсторот ВАСИЛ ТОЛЕВСКИ“.
Интересен е и фактот како Вилазорски одлучи за прв пат да конкурира со свои афоризми на награден конкурс.
-Се држев цврсто цели 68 години (без неколку дена) на принципот да не учествувам на било какви конкурси. Затоа понекогаш ме повикуваа да бидам член на жири комисии. Оваа година на Фејсбук прочитав како Јане Атанасов, претседател на Афористичката репрезентација на Македонија му пишува на претседателот на овогодишната жири-комисија: – Повикај го Димитар за член, тој не учествува на конкурси. Јас, да се „оттарасам„ од членство во жирото, им се вклучив во разговорот и им пишав: – „Годинава ќе учествувам.“ Поминаа десеттина дена, кога Јане ми пишува на чат: – „Диме, ајде, уште два часа поминува рокот за праќање на афоризми. Вети дека ќе учествуваш.“ Се најдов во небрано. Пронајдов набрзина некои мои афоризми на темата која што беше на конкурсот и ги пратив во 5 до 12. Така, по прв пат учествував на конкурс на мои 68 години и прв пат добивам (Прва) награда.
На годинешниот конкурс жири комисијата одлучи Плакетата за посебни заслуги во областа на сатирата да му ја додели на Атанас Крлевски, исто така македонски афористичар и сатиричар од Велес. Тоа значи дека годинава во нашиот град завршија две награди што ги доделува Афористичката репрезентација на Македонија.
Ги објавуваме афоризмите кои му ја донесоа првата награда на Димитар И. Вилазорски.
Прво наградени афоризми:
Прв знак дека си изгубен:
најден си пред лицето на правдата.
Долга е раката на правдата.
А и прстите и лепат.
Не шетајте многу по судските ходници.
Можете да настрадате
од залутан куршум на правдата.
Долга е раката на правдата.
А малку е и лева.
Правдата кај нас се почесто е
неоправдано отсутна.
Кога видов во чии раце е раката на правдата,
ми се пресекоа нозете.
Каменот што го туркаше Сизиф до врвот на правдата,
пропадна во некоја дупка.
Раката на правдата знае да ги помилува
оние кои што немаат образ.
Да, правдата е слепа,
но понекогаш прогледува низ прсти.
Раката на правдата оние горе
може да ги фати само долу.
Стефани Манева