Подмладокот на велешки Црвен крст одржа врсничка едуција за ментално здравје

Објавено: 7 август, 2025, во 10:44 часот

Едукацијата ја посетија 15 млади волонтери. Со нив работеа обучени едукатори на Црвен крст кои преку разни видови на избрани игри како и подготвени тестови ги мотивираа новите волонтери да се отворат и да проговорат за состојбите на стрес, анксиозност и депресија, во кои многу често можат да западнат младите луѓе.

Координаторот за млади на Општинската организација на Црвен крст во Велес, Александра Илијевска вели дека тоа што ги поттикнува за чести разговори на темата е потребата којашто произлегува од континуираното следење на физичкото и менталното здравје на младите во Велес.

-Постојано потребно е да се зборува со младите луѓе за менталното здравје кое има големо влијание врз нивното секојдневно функционирање. Како тие го откриваат и чувствуваат на пример стресот, на којшто секојдневно се изложени, и како со него успеваат да се справат. Имале ли состојба на анксиозност или депресија и дали, на каков начин, ги надминале. За жал, сè уште постои стигма која ги спречува и младите луѓе  отворено да зборуваат на овие теми, но ние креираме тестови коишто едноставно се одговараат и игри кои им помагаат на младите да се отворат без тоа да биде забележано од останатите во групната врсничка едукација, додаде Илијевска.

Овие работилници се многу важни, додаваат волонтерите, затоа што создаваат простор за разбирање, поддршка и отворен разговор. Врсничката едукацијата за ментално здравје е дел од летната програма на Црвен крст на РСМ.

Убавка Јаневска  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.