Родено првото бебе од мајка заразена со коронавирусот
Во Грција вчера се роди првото бебе од мајка заразена со коронавирусот. Резултатите од првиот брз тест за Ковид-19 на новороденчето се негативни, јави дописничката на МИА од Атина. Во неделата, 24-годишната мајка имала симптоми на грип, а по направената анализа за Корона вирусот, позитивни биле и нејзините резултати и резултатите на нејзиниот сопруг.
Според ректорот на Атинскиот универзитет во чии рамки е и Клиниката за гинекологија, жената била хоспитализирана и активиран планот за третман на бремени жени, а вчера се породила со царски рез. Директорката на Гинеколошката клиника Софиа Калантариду за грчката телевизија „Скај“, рече дека во болницата веќе постои специјален оддел наменет за вакви случаи, а вработените веќе имале соодветна обука особено во делот со специјалните скафандери за заштита. Токму тоа го споменува и гинекологот Јоргос Хрељас, кој вели дека со оглед на тоа што знаеле дека жената е заразена со коронавирусот, потребна била дополнителна претпазливост и лична заштита, а искуството, вели било „и малку стресно на почетокот“, бидејќи „униформата е малку чудна, едноделна униформа, како астронаут“, пренесе МИА.