(фото) Марија Анастасова од Ансамбл Керамичар го освои третото место на фолклорниот фестивал „Црноморски Бисери“ во Бугарија
Објавено: 11 август, 2025, во 12:37 часот
Играорката Марија Анастасова од велешкиот ансамбл „Керамичар“ го освои третото место на фолклорниот фестивал „Црноморски Бисери“ во Бугарија. Таа на гала вечерта на фестивалот во Поморје се натпреваруваше помеѓу девет учесници од разни земји во надигрување на бугарското оро „Блгарска реченица“ и се закити со бронза. Публиката како и останатите членови од ансамблот со силен аплауз ја бодреа играорката која за Дума.мк изјави дека ова е прекрасно искуство за неа.

-Пресреќна сум, многу ми е драго што сите играорци од мојот ансамбл се радуваат заедно со мене за освоеното трето место на овој фестивал. Ова беше прекрасно искуство за мене и ќе остане како посебен момент од оваа турнеа, додаде Анастасова.

Инаку Ансамбл Керамичар вчера вечер официјално ги заврши своите настапи на фестивалот „Црноморски бисери“ во Бугарија. Играорците со кореографиите „Овчеполка“, „Сред село“ и „Поречки игри“ ја осовија сцената во Свети Влас, Несебар и Поморје.


Велешките културни амбасадори ја претставија својата држава, својата култура како и разновидната носија пред публиката и секој настап беа наградувани со громогласни аплаузи.

Младите велешани покрај настапите имаа време и да се дружат и да уживаат на базен и плажа кадешто го поминуваа поголемиот дел од денот.
Стефани Манева
фото:





