Загина неподвижно лице во пожар во стан, потврдија од МВР
Седумдесет и шестгодишен маж почина утрово во пожар во скопската населба Аеродром, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи. Како што претходно соопшти Центарот за управување со кризи пожарот избувнал во стан на шести кат во зграда на улицата Пандил Шишков.
„Утрово (11.01.2024) околу 6.40 часот во СВР Скопје е добиена пријава за пожар во стан во зграда на ул. „Пандил Шишков“ во Скопје. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а во станот е пронајден починат Г.Б. (76). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Во гаснењето на пожарот интервенирале 15 пожарникари со 6 противпожарни возила.
„Имаше пријава за пожар во станбена зграда на улица Пандил Шишков број 3. Екипите веднаш излегоа на терен со седум противпожарни возила, со 15 пожарникари. Интервениравме брзо, евакуирани се околните станови за да не дојде до поголема несреќа. За жал, во опожарениот стан пронајдено е едно повозрасно починато лице. Пожарот е изгаснат и е расчистено. Нашите екипи се повлекоа. Од МВР допрва ќе ја истражуваат причината за настанатиот пожар“, велат од Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје.
Дума.мк