Македонските државјани не можат да влезат во Германија со стар пасош
Македонскиот пасош со старото име можеби се уште е во употреба во дел од европските земји, но не и во Германија. Дипломатски извори за Дојче Веле објаснуваат дека со пасошот без уставното име не може да се влезе во Германија, доколку патникот доаѓа од Македонија или од трета држава.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, вчера изјави дека „стариот пасош се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово“. Според него, срамота е што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис, а решението го гледа во менување на Законот за патните исправи.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи кој деновиве прави турнеја по конзулатите во Германија, Швајцарија и Италија, од Берн ја поздрави одлуката на Швајцарија да им дозволи на македонски државјани патување и со старите патни исправи. Османи притоа не прецизира дали мисли на патување со старите пасоши од Швајцарија кон Македонија, или и обратно, со оглед на тоа што досегашната препорака за македонските државјани во странство кои немаат нов пасош беше да си извадат патни листови.
Што се однесува до Германија, таму ситуацијата е јасна. Дипломатски извори за ДВ велат дека германските власти прават се за да им ја олеснат ситуацијата на македонските државјани кои не успеале да извадат пасош со уставното име, а таа помош е во прв ред насочена кон заштита на нивните права. Тоа значи дека македонските државјани можат да ги користат пасошите со старото уставно име за лична идентификација во таа земја, но нема да можат да влезат во земјата доколку немаат нова патна исправа со името Северна Македонија.
Тоа значи дека може да се замине од Германија кон Македонија со стариот пасош, но не и обратно.
Македонското здружение „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во Берлин, за време на викендот најави тужба против Македонија, доколку до 23 февруари властите не ја преиначат одлуката за важноста на пасошите со старото уставно име и доколку не се обезбеди побрзо издавање на нови пасоши.
Од здружението велат дека со прогласувањето на важечките пасоши за неважечки, без притоа да се обезбедат доволно капацитети за издавање на нови пасоши, се создале огромни проблеми со кои се прекршуваат човековите права на македонските граѓани. По стапување во сила на одредбите од Преспанскиот договор потпишан со Грција, од 13 февруари се стесни кругот на земји каде што македонските граѓани можат да патуваат со старите документи на кои не и им е истечен рокот, но се отпечатени со старото име на државата. Освен во соседните земји како Косово, Србија, и Албанија каде се дозволува влез со лична карта, во Бугарија и Грција, како и во повеќето европски земји влез е дозволен само со документи со новото име на државата.
Дума.мк