Македонскиот стрип на фестивал во Ужице, Србија
Томе Трајков – програм координатор на Македоснкиот стрип центар со седиште во Велес, беше дел од третото издание на стрип фестивалот „Ужички стрип сусрети“ поканет од Градскиот културен центар на Ужице во Србија. Трајков вели дека за време на посетата имал можност присутните гости на стрип фестивалот да ги запознае со актуелната стрип сцена во Македонија.
-Се разбира дека акцент се даде и на долгогодишната работа на Стрип центарот на Македонија и делување во интерес на македонските автори, стрип групации и воопшто целокупната наша стрип сцена. На крај организирав стрип изложба од домашни автори , учесници на последниот Интернационален стрип салон во Велес , како најзначајна стрип манифестација, фестивал, во светот на 9-тата уметност во Македонија, додаде Трајков.
Тој додаде и дека биле изложени дела на македонски цртачи од понова генерација, поточно од Славица Купенкова, Ангела Петрушевска, Евгенија Трајковска, Матеа Аризановска, Вилма Дамњановска,Елена Апостоловска, Влера Чиче, Катерина Тери Николовска, сите од Скопје ,потоа Методија Андоновски и Анастасија Недељковска од Куманово, Оливер Цветковски од Велес и на крај Теодора Христова и Михаела Васкоска од Битола. Како сценаристи на некои од делата биле застапени Ване Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип.
-Од другите гости на овој фестивал ,повеќето реномирани стрип артисти од регионот, се слушнаа доста комплименти за талентот на изложените стрип автори, и изразена подготвеност за развивање на идна меѓународна стрип соработка, додаде Трајков.
Инаку оваа посета финансиски била поддржана од страна на Министерство за култура и е дел од годинешната програма за Меѓународна соработка за 2024 година.
Стефани Манева