(Видео и фото) Повторно се разгоре пожарот помеѓу селата Папрадиште и Ореше, го гаснат два ер трактори од воздух
Повторно се активираше пожарот откако вчера на пладне заврши гаснењето од воздух со два хеликоптери и од земја со доброволци граѓани, претставници на граѓански здруженија и шумарски работници на стопанство „Бабуна“ од Велес. Претпладнево, околу 10:33 часот, на опожарената површина со дабови и букови насади прво се појавил чад а потоа и пламен.
Центар за управување со кризи ја следи состојбата и во пладневната изјава, директорот Стојанче Ангелов, соопшти дека денеска пожарот во општина Чашка, помеѓу селата Папрадиште и Ореше, го гаснат два ер трактори кои синоќа пристигнале од Кипар. Освен од воздух, пожарот, се гасне и од земја.
-Во гаснењето учествуваат 10 вработени на Национални шуми и пет на општина Чашка. Горат млади насади на шума, ниска вегетација но и висока шума, додаде Ангелов.
Директорот на ЦУК, во видео изјавата, соопшти дека состојбата со пожарите во државата е алармантна и повторно апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни за да не предизвикаат пожар, да пријавуваат на 112 секаков сомнеж за пожар, за лице кое подметнало или не намерно предизвикало пожар на отворено.
Убавка Јаневска