Остатоци од согорен керозин се белите линии што го шараат небото, смета метеорологот Поповски
Повеќе фотографии на коишто се гледаат голем број на бели линии на небото деновиве испратија велешани на емајл адресата на Дума.мк или во пораки на фан страницата на Фејзбук. Фотографиите се снимени од повеќе делови на Велес. Тоа што е заедничко за сите што ги испратија е прашањето: „Што се случува на небото над градот и може ли да се дознае причината?“
Дел од фотографиите граѓаните ги имаат објавено и на своите лични профили. Тие предизвикаа голем број на коментари со различно толкување на ваквата појава.
Според метеорологот Славчо Поповски, граѓаните не треба да се вознемируваат на ваквите глетки, бидејќи не станувало збор ни за феномени ниту за теории на заговор туку за остатоци од согорен керозин што го употребуваат млазните авиони.
И не само над небото над Велес туку фотографии на кои се прикажуваат слични глетки често објавуваат граѓани од други градови во и надвор од Македонија.
Убавка Јаневска