Јубилеј: 85 години од издавањето на „Бели Мугри“ на Кочо Солев Рацин
Пред точно 85 години, на денешен ден, 25 ноември во 1939 година, испечатена е стихозбирката „Бели Мугри“ на македонскиот поет, револуционер и основоположник на современата македонска литература и книжевност Кочо Солев Рацин. Првиот примерок на стихозбирката испечатен е во хрватскиот град Самобор, во печатницата на Драгутин Шпулер заедно со уште 3999 примероци.
„Бели Мугри“ е стихозбирка со извонредно творештво на Рацин кој преку зборови говори за антологија на болките и на страдањата на македонскиот народ, за експлоатација на тутунопроизводителите, за маките на монополските работници и на надничарите како во Велес така и во Македонија, пред почетокот на Втората светска војна.
Идеолошката припадност на Кочо Солев Рацин е препознатлива уште на самата корица на стихозбирката, преку испечатениот наслов чии букви се со црвена боја како симболика на кумунистичкото движење на кое му припаѓа и коешто се бори за „ново утро и почеток на нов живот на сите луѓе кои се еднакви“ додека опасноста да биде откриен и подложен на репресија во тогашната држава, кралска Југославија, причина е за користење на псевдонимот „К. Рацин“.
Стихозбирката „Бели Мугри“ преставува врвен дострел на Рациновото творештво. Таа содржи 12 песни, распределени во пет циклуси и напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските дијалекти. Книгата, меѓу останатите, ги содржи и најпознатите песни „Денови“, „Ленка“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“ како и „На Струга дуќан да имам“ и „Проштавање“.
Дума.мк