Ретроспективна изложба „Бојата на мојата душа“ посветена на академскиот сликар Ангел Петров во Ликовен салон Велес (Видео и фото)
Објавено: 26 август, 2025, во 14:24 часот
Осумдесет и седумте уметнички дела од кошто е составена постхумната 62 Самостојна изложба на академскиот сликар Ангел Петров изложени во Ликовен салон Велес се само дел од неговото по опус и разновидно по мотив како и техника творештво создавано низ децениите на живот во родниот Велес. Бројот на уметнички дела, се избрани суптилно и педантно, бидејќи е посветено внимание да бидат за прв пат прикажани на публиката поточно на љубителите на ликовната уметност и негови сограѓани.



Уметникот, чија душа додека го создавал творештвото се мотивирала од портретот, пејсажот, актот, животните кои што ги обожувал или коњите, мртвата природа и велешката староградска архитектура, е прикажан низ неговите девет ликовни фази на неколку дена по неговиот, роден, 22 август во 1933 година. Овој начин на одбележување на роденден го избра семејството Петрови за да го одбележи и пет години по неговото упокојување.


Првиот насликан портрет од академскиот сликар Ангел Петров, имаше централно место на отворањето на изложбата, вчера вечер, во Ликовен салон. За него, за творештвото, за оставеното ликовно и културно наследство коешто повеќе пати семејството Петрови го понудија а градот Велес не го прифати пред присутните говореше сопругата Светлана Петрова.
И врамени во картонски наместо уметнички рамки, творештвото на Ангел Петров, раскажува историска приказна за родниот Велес, за личностите кои се нераскинливо поврзани со секоја воздишка додека се шета низ сега веќе малиот број на велешки сокаци и маала. Уметничките дела говорат за убавината на женското тело како и за восхитот од грациозноста на коњите. Пејсажите поседуваат длабока суптилност на недопрената природа. Глетката во исполнетите до последно делче на ѕидовите на велешкиот Ликовен салон е несекојдневна. Таа не се опишува со зборови туку лично се доживува.



Присутните на синоќешното отворање на 62 Самстојна изложба на академскиот сликар Ангел Петров насловена како „Бојата на мојата душа“ имаа дополнителна можност да ги слушаат 11 италијански канцони и делови од арии во изведба на уметникот коишто исто така неговото семејство ги сочувало во привтна аудио архива.


Изложбата ќе биде отворена за посетители до петок, 29 август, годинава.
Убавка Јаневска


