Општина Свети Николе ги повика граѓаните да подарат фотографии, книги и вредни документи од минатото за да се користат во промоција и туристички развој
Објавено: 9 јануари, 2026, во 11:28 часот
Општината на својата веб страница објави два јавни повици. Со првиот овозможено е доставување предлози и податоци за настани, манифестации, јубилеи и истакнати личности кои имаат значење за културниот, традиционалниот, верскиот и општествениот живот во Општина Свети Николе. Вториот повик има за цел собирање фотографии или документи кои ја отсликуваат историјата, културата, природните убавини и традиционалните вредности на општината.
-Фотографиите од Свети Николе често се наоѓаат во семејни албуми, лични архиви, книги или на социјални мрежи. Со цел да се соберат овие вредни моменти на едно место, Општина Свети Николе ги повикува граѓаните да достават фотографии или документи кои ја отсликуваат историјата, културата, природните убавини и традиционалните вредности на општината, соопштија од општината, соопштија од општината.
Всушност се продолжува времетраењето за собирање на фотографиите кои ќе се користат за промотивен материјал, утврдена во Програмата за активности на Општина Свети Николе во областа на Локалниот економски развој за 2026 година.
Станува збор за доставување фотографии од старо Свети Николе, со цел прибирање и архивирање на фотографии со мотиви од минатото, како и нивна употреба за изложби, публикации, дигитални содржини и промоции на културното и историското наследство на општината. Целта е прибирање на фотографии кои ја доловат уникатноста на Свети Николе, посебно: старо Свети Николе, историски и културни дејци/лица; Инфраструктурни и економски објекти (занаетчии, фабрики, продавници, претпријатија); урбани детали, градежни објекти, пејзажи и панорами; манифестации и други значајни настани. Секој друг вид фотографии за подготовка на изложби, публикации и промотивен материјал.
Граѓаните можат фотографиите да ги достават по електронски пат како и во просториите на Општина Свети Николе. За граѓаните обезбедена е асистенција за пополнување на формуларот.
Убавка Јаневска


