Службеникот за млади на Општина Велес, Владимир Смилевски прогласен е за најдобар службеник за млади во Македонија

Објавено: 13 август, 2026, во 11:07 часот

Наградата на Владимир Смилевски – Службеник за млади на Општина Велес му беше доделена, вчера вечер, на настан во Скопје организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Смилевски е прв добитник на оваа национална награда за 2026 година во Македонија и точно гласи „Наградата за партнери на младите во категоријата „Службеници за млади“, со која се препознава улогата на професионалците во институциите кои создаваат мост меѓу младите и институциите и придонесуваат нивните идеи да се преточат во политики и конкретни активности.

Наградата на Смилевски му беше доделена на 12 Август – Меѓународниот ден на младите. Во неговата работа со младите, што претставува лична инспирација, желба за знаење и напредување, особено е важно што Смилевски посветено, навремено и транспарентно ги водеше процесите за отворање на Младински центар во Велес како и за формирање на Локалниот младински совет на Општина Велес кои освен што произлегуваат од законските обврски значајни се за младите на територијата на општината затоа што им овозможуваат разни форми на организирање, лично реализирање, овозможување на креирање на младински политики, на спроведување иницијативи кои се значајни за животот на младите.

Со Младинскиот центар, отворен како втор во државата, Смилевски придонесе Општина Велес да испише историја и да се вброи меѓу првите две единици на локална самоуправа во државата која има отворено ваков центар додека со формирањето на Локален младински совет да се слушне гласот и потребите на младите велешани пред носителите на одлуки во локалната заедница поточно Советот и Градоначалникот на Општина Велес.   

Вчеравечер на овој настан во Скопје пред присутните се обрати Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски кој истакна дека младите не треба да се гледаат само како иднина на општеството, туку како негов важен и активен дел денес.

„Кога ги слушаме младите, создаваме подобри политики. Кога ги вклучуваме во процесите на одлучување, носиме поквалитетни одлуки. А кога вложуваме во нив, вложуваме во иднината на целото општество“, порача министерот Велковски.

Тој нагласи дека Министерството останува посветено на создавање услови во кои младите ќе имаат простор, доверба и можности активно да учествуваат во општеството.

„За нас младите не се само корисници на политики – тие се наши партнери во нивното креирање. Нашата цел е секој млад човек да има можност да учи, да се развива, да работи, да создава и да ја гради својата иднина токму овде, во својата држава“, истакна Велковски.

Од Националниот младински совет на Македонија беше посочено дека, и покрај постоењето на законска рамка и механизми за младинско учество, останува предизвикот од формалното кон суштинско учество на младите.

„Не само да им кажуваме на младите дека ги слушаме, туку тоа да се гледа во одлуките, политиките, можностите и буџетите што ги создаваме“, беше порачано од Ивона Кузмановска Претседател на НМСМ.

Сузан Пенкса, Заменик шеф на Мисија на ОБСЕ во Скопје порача дека младите не се пасивни набљудувачи, туку „незаменливи партнери во унапредувањето на мирот и безбедноста“, при што институциите имаат заедничка одговорност да создадат отворени, сигурни и инклузивни механизми за нивно суштинско вклучување и учество.

Преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, поддржан од Фондот на Обединетите нации за градење на мирот, УНДП работи со младите, општините и институциите на зајакнување на младинското учество, а младинските службеници ги поддржува преку обуки, вмрежување и размена на искуства.

„На Меѓународниот ден на младите, оваа награда не е само признание за еден исклучителен поединец, туку и за нешто многу поголемо. Таа ја истакнува важноста од инвестирањето во младите и градењето институции кои вистински ги слушаат, поддржуваат и охрабруваат,“ порача Ана Чернишова, Заменичка на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.

Освен за најдобар Службеник за млади доделени се и награди за „Младински организации, организации на млади и чадор младински организации“, за „Неформални групи на млади“ и „Наградата за младинско учество“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.