Протест за плата на поштенските работници во Велес – ако не ја добијат ќе прогласат штрајк
Објавено: 23 јануари, 2026, во 11:59 часот
Четириесет и двјаца редовно вработени и девет поштари со договор на дело, утринава, го започнаа протестот во велешката подрачна единица на Македонски пошти. Тие бараат исплата на декемвриска плата. Вработените се на работните места но не издаваат услуги, освен за институциите, како што се суд, обвинителство, министерства чии писма содржат документи со рокови.
-По осум дена од истекот на законскиот рок за исплата на плата одлучивме да протестираме бидејќи освен не исплатената плата за декември 2025 година не ни се платени ниту придонесите. Имаме колеги кои се на боледување и со неплатениот придонес за здравствено осигурување тие не можат да се лекуваат. Здравствено осигурување ни треба на сите вработени. Протестот го поддржаа синдикатите, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов беше утрово со нас, и според добиените информации доколку не добиеме плата тогаш ќе стапиме и во Штрајк, рече Аница Стојановска.
Таа е една од синдикалните претставници поточно Горан Манасиев и Бошко Ташевски кои се дел од синдикалната организација на Македонски пошти за Велес. Тие во име на своите колеги бараат разбирање од велешани бидејќи протестираат за неисполнето основно право од работен однос за кое што велат дека не е прв пат досега да не им биде исполнето во законски рок.
Протест од денеска има во сите Подрачни единици на Македонски пошти во Македонија во кои вработени се вкупно 2000 работници заедно со вработените на договор на дело.
Убавка Јаневска


