Велешанката, д-р Теодора Тодорова – специјализант ортопед, од Велес преку Скопје и Грац засега до Падова и до Мадрид
Објавено: 21 април, 2026, во 10:48 часот
Д-р Теодора Тодорова на своите сограѓани им е добро позната од времето на нејзината прва професионална работа во родниот град како лекарка по Општа медицина во Итна помош на Здравствен дом. Од периодот кога беше дел од здравствените тимови, кои во велешките домови влегуваше за да пружи прва медицинкса помош, до добивањето на специјализацијата на медицинската гранка Ортопедија за неа ретко кој велешанец имаше информација какви знаења, потенцијал и професионалност поседува младата девојка. Амбициозност покрај стручност, можеби се доволни два збора, за почеток да се опише најкратко оваа лекарка која скромно и тивко чекори по професионалниот пат кој само пред една година ја однесе на доедукација во Грац за деновиве нејзините ментори од скопската Клиника ТОАРИЛУЦ да објават дека д-р Теодора Тодорова е препозната и од Европско здружение за мускулноскелетна онкологија.
Дума.мк пишуваше за д-р Теодора Тодорова, велешанката во тимот на Универзитетска клиника за ортопедски болести Скопје, којшто за прв пат во Македонија отстрани тумор од рамо кога дозна дека на лекарката и е доделена и шест месечна стипендија за доедукацијата на Клиниката „ЛКХ“ во Грац, Австрија. Сега, неполни две години подоцна, пишува за нов предизвик за некого но мора за д-р Тодорова да биде успех доколку се пребара и свати дека „EMSOS travelling fellowship” претставува престижна стипендија која што секоја година ја доделува Европското здружение за мускулноскелетна онкологија за стручно усовршување во реномирани европски центри специјализирани за хируршки третман на тумори на коски и меки ткива.
Еве што стручно одговори д-р Теодора Тодорова на прашањето за каква стипендија и професионално усовршување станува збор:
„Секоја година, се избираат тројца кандидати од цела Европа, на кои што им е овозможено под покровителство на ова здружение да престојуваат во два специјализирани центри со цел да стекнат хируршки искуства и спроведуваат истражувачки проекти. Во рамки на оваа програма, ќе имам можност да престојувам и да се едуцирам во два високо специјализирани центри , првиот во Падова, Италија и вториот, Центар „MD Anderson“во Мадрид, Шпанија. Овие посети претставуваат важен чекор во мојот професионален развој, но и можност стекнатото знаење да биде пренесено и применето во нашата клиничка пракса. Посетата на различни центри, овозможува компаративно учење на нови и усовршување на постоечките хирушки техники и протоколи, воведување на нови знаења и технологии и споделување на практиките,“ рече д-р Тодорова.

Таа одговори и на прашањето што за нејзината професионална кариера претставува добивањето на стипендијата:
„За мене лично, оваа стипендија претставува поттик за понатамошна посветеност и унапредување во областа на ортопедската онколошка хирургија. Истовремено, верувам дека ваквите можности имаат пошироко значење и за здравствениот систем во нашата држава, бидејќи придонесуваат кон развој на современи методи на лекување, унапредување на хируршките техники и подобрување на грижата за пациентите со тумори. Клиниката за ортопедски болести во Скопје претставува препознатлив и специјализиран центар со долгогодишна традиција во третманот на оваа комплексна патологија. Оваа традиција е поставена од Проф. д-р Ѓорѓи Зафироски, а денес успешно се продолжува под раководство на Проф. д-р Милан Самарџиски,“ додаде д-р Тодорова.

За неа особено е значајна поддршката што ја добива од своите ментори, врвни македонски и европски специјалисти па затоа не пропушти да додаде:
„Особена благодарност упатувам до мојот учител, Проф. д-р Милан Самарџиски, за неговата континуирана едукација, поддршка и несебично споделување на знаење низ годините. Исто така, искрена благодарност до Проф. Андреас Лајтнер од ЛКХ Грац, Република Австрија, за неговата стручна поддршка и придонес во развојот на ортопедската онколошка хирургија во нашата земја. На крај, сакам да изразам благодарност до д-р. м-р. спец. Игор Мерџаноски, директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за ТОАРИЛУЦ, за изразената поддршка, визијата и вложувањето во младите лекари. Неговата заложба за унапредување на едукацијата, поддршката во воведување на нови хируршки методи и подобрување на грижата за пациентите претставува клучен фактор во развојот на квалитетен здравствен кадар и современа медицина.“
Не е потребен ниту еден дополнителен збор во овој новинарски текст, гласи заклучокот на авторот. Освен можеби идејата дека треба да се продолжи и следи професионалниот пат на д-р Тодорова. Затоа што таа тоа го заслужува. Да биде и остане напишано, забележано и запомнато.
Убавка Јаневска



