Верски празник „Ѓурѓовден“ – велешанки од месност „Дворови“ ги накитија портите со гранчиња од багреми (фото)

Објавено: 6 мај, 2026, во 10:46 часот

Оваа стара подзаборавена традиција утрово ја оживеаја неколку жителки на Велес, на улица „Никола Оровчанец“, кои на своите влезни порти поставија гранчиња од багрем. Тие само потсетија на времето кога велешките маала и сокаци, на верскиот празник „Ѓурѓовден“, се будеа со поставени гранчиња од багреми или со исплетени венци од природно цвеќе. Тогаш улиците мирисаа на багрем и по нив беше убаво да се шета. Вредните домаќинки, во приквечерината на овој верски празник, прво го прскаа со вода и го метеа просторот пред влезните порти за потоа да ги украсуваат со зеленило. Тоа беше време пред земјата да биде покриена со бетон или бехатон плочки а утрата започнуваа со меѓусебно поздравување и соседско честитање на празникот.

Сосема поразлично од ѓурѓовденското утро на денешницата. Затоа оваа глетка ја овековечи Дума.мк. И додека ги фотографиравме портите на овие граѓани помисливме дека можеби тие ќе бидат поттик за останати соседи, во други делови на градот, да го следат нивниот пример.  

Инаку празникот на Св. великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден, се празнува на 6 мај според новиот, односно на 23 април според стариот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и целото население во Македонија, што од друга страна значи дека во негова основа е празнувањето на природата, на разубавувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

„На Ѓурѓовден се изведуваат многу обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа со цел да се осигура напредок, плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и успех на луѓето. Кај нашиот народ за Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, селски одборници, полицајци и сл. Обичаите сврзани со овој празник почнуваат ден порано на 5 мај кога се оди “на потка“. Тогаш се берат лескови прачки со кои се закитуваат куќите. Според верувањето потката штити објектите и предметите од разни опасности, а нивите и родот од штетач пороен дожд, болести, инсекти…

Вапцувањето јајца со црвена боја има посебно место во ѓурѓовденските обичаи исто како и со велигденските. Јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој не смее да ги види се до утрото. Утрото пак кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите: “Црвено бело дебело“, што значи децата да бидат дебели, здрави и црвени како јајцето,“ запишале собирачите на народното македонско творештво.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.