Во велешкиот локалитет „Пара Нива“ има ископ на минерални суровини за кои Министерството за економија соопшти дека е од истечена концесија
24.07.2020
Жители на селата Раштани, Бузалково и Сливник тврдат дека со месеци гледаат како се врши ископ на земја, што по минерален состав треба да е глина, на парцела во близина на патот што од Велес води кон нивните домови. Овие граѓани како попрецизна локација на ископот ја посочуваа парцелата што се наоѓа под патот во близина на новите градски гробишта крај селото Раштани.
На фотографиите што ги испраќаа жителите беше снимен багер како копа. Неговата позиција секој ден беше различна а со тоа и локацијата на ископ од месец во месец се зголемуваше. Тие се сомневаа дека ископот е не легален.
Нивните фотографии беа повод да бидат фотографирани двете фотографии на локалитетот „Пара Нива“, објавени во текстот, што според стручни лица е богат со глина.
Градоначалникот Аце Коцевски вели дека издавањето на концесии за ископ на минерални суровини сеуште е надлежност на Министерството за економија додека приходите од издадените концесии се во најголем дел приходи на општините.
-И затоа ние како општина сме директно и индиректно многу засегнати. Концесионерите два пати плаќаат концесија, еднаш за одобрението да вршат експлоатација и втор пат за експлоатираните количини на минерални суровини. Значи доколку тоа се прави без ред индиректно е оштетена и општината. Доколку имате информации би сакал да ни ги дадете за ние официјално да се обратиме до Министерството за економија и да утврдиме дали таа фирма што експлоатира има важечки документи или тоа го прави спротивно на закон,“ додаде Коцевски.
Во одговорот на Министерството за економија на новинарското прашање дали ископот на локалитетот „Пара Нива“ е легален или не стигна одговор дека во моментов државата нема доделена концесија за експлоатација но дека имаат концесионер, со истечен рок за ископ на минерални суровини за потреби од геолошки истражувања:
„Во близина на посочениот локалитет доделена е концесија за детални геолошки истражувања на локалитетот „Пара Нива“ на концесионерот „Актив Констракшн“ од Скопје. Оваа концесија е доделена на Јавен повик и периодот на важност на истата е истечен, а во моментов течат законските рокови за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања и поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација“, информираа од Министерството за економија.
Владата на фирмата „Актив Констракшн“ и ја доделила концесијата за детални геолошки истражувања, во времетраење од две години, со одлука бр. 44-6817/1 на 7 ноември 2017 година. Објавена е на страна 16 во Службен весник на Република Македонија бр. 156 од 2017 година и во неа пишува дека фирмата добила површина од околу 0,5 км2 на локалитетот „Пара Нива“.
Според оваа владина одлука Договорот што со концесионерот го потпишал Министерот за економија е истечен. За што и служат дневните ископани количини на глина по истекот на концесијата секако треба да одговори фирмата „Актив констракшн“ од која ќе побараме одговор./У.Ј