МОН унапреди тројца наставници ментори од Велес во наставник советник – највисоко професионално звање
Објавено: 21 мај, 2026, во 14:58 часот
Тројцата наставници ментори од Велес кои што се унапредени во својата кариера и го добија звањето наставник советник од страна на Министерството за образование се Марија Давчевска од ОУ со ресурсен центар ” Маца Овчарова”, Павлина Карова од ООУ” Св. Кирил и Методиј” и Илија Настовски од ООМУ „Стефан Гајдов-Музичко училиште.
„ Ова значајно признание е резултат на долгогодишна посветеност, професионална работа, вложен труд и љубов кон образованието и учениците, оцени Министерството за образование и наука.
Во македонскит образовен систем „наставник ментор“ и „наставник советник“ се кариерни звања што се добиваат како признание за професионален развој, искуство и квалитет во работата.
Наставник советник е највисоко професионално звање за наставник, кое се добива по дополнителни критериуми, активности, проекти, менторство, иновации и постигнати резултати.
За унапредување од ментор во советник, наставникот поднесува документација на јавен повик, собира поени според правилник, приложува докази за работа, обуки, проекти, стручни трудови, менторство и придонес во образованието, а потоа Комисија врши бодирање и рангирање.
Звањето „наставник советник“ претставува признание за висок професионален квалитет, лидерство и долгогодишна посветеност во образованието.
Убавка Јаневска


