Д-р Давчева: Потрагата по смисолот на животот и постоењето не е луксуз, потреба е на психо-физичкото и емоционалното здравје, на духовната сила
Објавено: 23 мај, 2026, во 14:49 часот
Се прашувате ли и колку често „кои се смислата на мојот живот и на моето постоење?“ Човекот е живо суштество во кое постои константна жед да ги задоволи потребата за пронаоѓање на смислата на животот и сопственото постоење, која не секогаш му дава мир. Поточно до моментот додека не ја задоволи ова сопствена потреба. Тоа всушност се чувство и потреба, кои некаде, додека се движи по патот и низ метежот на секојдневието, овозможува да не се изгуби контактот со себе и мислата за што постои?
За психологот и доктор на психотерапевтски науки, Мимоза Давчева, тоа не е само човечка интелектуална љубопитност, туку длабока егзистенцијална потреба која нè придружува низ секојдневниот шум и динамиката на уживањето и обврските. Во суштина, тоа е стремеж да не го изгубиме контактот со виталното, со тоа што нè прави живи, поради што постоиме.
„Тоа што го бараме, всушност е тоа што го гледаме низ нашите очи. Проблемот е во тоа што ние ретко вистински и присутно гледаме и што воглавно сонуваме. Човекот се раѓа и живее, како во некој сон, во машина што реагира на надворешни стимулуси. Навредата го лути, пофалбата го подигнува, стравот го закочува! Така, мисли дека живее, а всушност многу често само живурка. И токму тој автоматизам, тој непрекинат тек на мисли што ни брбори во глава, од утро до мрак, тоа всушност не сме ние. Тоа е само механизам, илузија на себство,“ илустративно објаснува д-р Давчева.
Според нејзиното долгоогдишно психотерапевтско искуство, оваа причина, потрагата по смислата на животот и постоењето на луѓето е истовремено лична и колективна. Таа нè поврзува со другите луѓе, со културата, со духовноста, со историјата, со знаењето. Во неа се крие начин и можност да се надмине чувството на празнина и да се изгради живот кој не е само биолошко постоење, туку живо сведоштво за лична уникатност и поврзаност со се постоечкото.
Дума.мк : Какви се филозофските искуства и ставови во контекст на темата: „Како да ја пронајдеме или откриеме смислата на нашиот живот?
-Од ставовите на филозофите и психоаналитичарите, од нивното теоретско и практично искуство, согледуваме дека секој човек може да го пронајде смисолот преку своите потреби, лични избори, односите со другите и способноста за соочување со страдањето. Согледуваме дека и тие во своите богати искуства имаат различни индивидуални ставови кои ги изградиле преку сопствените искуства и посветеност во својата професија. Став на Епикур е дека смисолот е во задоволството, сватено како слобода од страв и страдање. За Сартр смисолот не постои однапред, мора сами да го создадеме. За Фројд животот е борба за опстанок, а смисолот е во процесот на постоење. За Јунг недостатокот на смисол е корен на неврозата и човекот мора да ја најде својата внатрешна цел за да биде психички здрав.За Карл Роџерс пак добриот живот е процес на постојан раст, со поширок спектар на искуства и автентичност. Според Виктор Франкл, основач на логотерапијата, секој човек има уникатна задача и смисолот се наоѓа дури и во страдањето, преку изборот на став кон него. Тој ја поставува смислата како основна мотивација на човекот, покажувајќи дека дури и во најтешките услови, на пример во концентрационите логори човекот може да ја задржи слободата со изборот на став кон страдањето, реќе д-р Давчева.
Дума.мк: Би сакале да ја дефинирате улогата на психотерапевтот во процесот на пронаоѓање на смислата на животот и на постоењето?
-Не станува зббор за готова дефиниција, нема формула што може универзално да се примени. Тоа е процес, патување, истражување, дијалог меѓу нашата внатрешна природа и светот околу нас. Психотерапијата ја препознава оваа потрага како централна за човечкото битие, бидејќи човекот не бара само да преживее, туку да живее со значење. Кога е во допир со сопствената смисла, секојдневието добива нова димензија, обврските стануваат дел од поголема целина, а болката и кризите добиваат контекст во кој можат да се преобразат. Во оваа потрага, психотерапевтот не е оној што дава готови одговори и решенија, туку е придружник и олеснувач кој што помага човекот да ја слушне сопствената внатрешна тишина и да ја препознае својата вистина. Смислата не се наметнува туку се открива преку односот со себе, преку личните потреби и избори, во односите со другите, во способноста да се создава и да се љуби, во поврзаноста меѓу нашата индивидуална приказна и универзалното човечко искуство.
Животот без смисла се претвора во празна рутина, а со неа секојдневието добива длабочина и значење. Од психотерапевтска перспектива, психотерапијата ја препознава потрагата по смисла како централна за човечкото битие. Таа не е луксуз, туку услов за ментално, емоционално, социјално и физичко здравје. Кога човекот ја губи смислата, кај него се јавува празнина, анксиозност, чувство на бесцелност и на тој начин лесно си го отвара патот кон неуротските состојби. Кога се пронаоѓа смисолот, дури и страдањето добива нова димензија и станува можност за раст и лична преобразба.
Смисолот на живеењето може да се открие преку создавање дела, доживување љубов и убавина, помогнување, преку избор на однос кон неизбежната болка. Суштината на овие пораки е едноставна, но моќна: Секој од нас постои со причина! Нашата задача е да ја пробудиме свесноста за таа причина, да ја активираме, да ја негуваме и да ја живееме. Само така животот станува повеќе од низа настани, така нашиот живот станува патување исполнето со значење, рече д-р Давчева.
Дума.мк: Како психотерапевтот би го насочил човекот да ја пронајде својата смисла на постоење и на живеење?
-Насочувањето на луѓето кон пронаоѓање на смисолот на постоење и живеење се базира на сознанието дека човекот е целина од физичко, емоционално, ментално, духовно тело, од искуства, од избори и дека смисолот не се бара надвор од нас, туку се бара и открива во контактот и свесноста за себе со целосна присутност во сегашниот момент. Наместо да се изгубиме во минатото или да се заглавиме во стравови за иднината, се охрабруваме да го почувствуваме секое доживување и сеќавање во „сега и овде“. Во таа свесност, човекот ја препознава сопствената виталност и причината поради која постои. Смисолот за нашето постоење и живеење не е изолиран, тој се открива во контактот со сопствените мисли, чувства, со телото, со другите луѓе и со светот, преку осознавање на начините на кој влегуваме во однос со другите, преку пронаоѓање смисол во автентичната поврзаност.
Многу луѓе живеат во внатрешни поделби, едно мислат, друго чувствуваат, трето прават. Мојот пристап е освестувачки и охрабрувачки, со цел да се интегрираат овие делови во целина, бидејќи смисолот се оживува кога човекот функционира усогласено со себе, без да се откажува од сопствената автентичност, преземајќи одговорност за сопствениот живот. Наместо да се чека осмислувањето да дојде однадвор, човекот го создава преку изборите што ги прави секој ден. Изборот носи одговорност, носи слобода, а слободата носи смисол.
Животот постојано се менува, а смисолот не е константен и фиксен. Човекот може креативно да се адаптира на нови ситуации, да пронаоѓа нови патишта и да создава нови значења, додава д-р Давчева.
Дума.мк: Како во нашето секојдневно функционирање може да го побараме смисолот на своето егзистирање?
-Практични почетни насоки би биле секој ден да се одвојат неколку минути за свесен контакт со себе, да се почувствува телото, дишењето, мислите и емоциите. Да се биде во контакт со надворешниот свет, да се водат разговори со луѓето автентично, без маски и улоги. Смисолот најчесто се открива низ љубовта, семејството, пријателството, создавањето и заедницата. Да се препознае кога мислите и чувствата се во дисбаланс или конфликт со понатамошен обид за нивно усогласување и интегрирање.
Добро е да се преземе лична одговорност прашувајќи се „Што можам јас да направам за мојот живот да има смисол?“ наместо да се чекаат готови одговори однадвор.
Да се пробаат нови активности, хоби, нови начини на изразување, креативности и дела кои се патишта за самоизразување и откривање на личните цели, преку нови односи и преку придонес во општеството кој носи чувство на значење. На тој начин низ саморефлексија ќе се дојде до осознавање на сопствените вредности.
Многу е значаен и ставот кон страдањето, бидејќи болката може да се претвори во извор на сила ако се прифати како искуство и дел од патот по кој одиме. Вербата, посветеноста, истрајноста или практикувањето, лична духовна практика може да понуди рамка за разбирање на постоењето.
Смисолот често се раѓа низ новите искуства,“ рече д-р Давчева.
Дума.мк: Од ваше искуство дали секој човек може да го пронајде својот смисол и како?
-Смисолот на постоење и живеење не е универзален рецепт, туку е лична потреба и потрага, жив процес и не постои како конечен статичен одговор. Се открива во сегашниот момент, во контактот со себе и другите, во интеграцијата на деловите и во преземањето одговорност за сопствениот живот. Обичниот човек може да го пронајде својот смисол ако се охрабри да биде присутен, автентичен и креативен. Смисолот е наша централна мотивација. Наместо да се прашуваме „Што очекувам од животот?“ добро е да се прашаме: „Што животот очекува од мене?“
Да се запрашаме кои се нашите најважни вредности и дали живееме во согласност со нив? Дали правиме мали хумани дела и секојдневни гестови на добрина и љубов? Дали знаеме да го препознаеме значењето на страдањето и наместо да го избегнуваме, да си одговориме на прашањата „Што можеме да научиме од ова искуство?“ „Дали живееме во согласност со сопствената автентичност и вистина, а не со очекувањата на другите?“ Смисолот често се открива во односите со луѓето и во чувството на поврзаност и припадност. Во психотерапевтски контекст, тие служат како алатки за клиентот да ја пронајде својата уникатна задача и да ја живее со смисол.
Смисолот на животот не е готова формула, туку процес на создавање и откривање и доколку еден човек сака и е подготвен да влезе во тој процес на себеистражување, може да го пронајде својот смисол преку добар контакт со себе, преку креативноста, преку односите, преку интеграција на личноста и благодарност за своето постоење. Психотерапијата е само придружник на ова патување и таа не дава готови одговори, туку помага човекот да ја слушне сопствената внатрешна тишина и да ја препознае својата вистина, рече д-р Давчева.
Од сопствено долгогодишно искуство, д-р Мимоза Давчева, препорачува дека потрагата по смисолот не е луксуз, туку потреба за психо-физичко и емоционално здравје и духовна сила. Таа потрага е лична, но истовремено и универзална, бидејќи секој од нас има задача што го прави неговиот живот неповторлив. Секој човек носи во себе тивка потреба да го пронајде смисолот на своето постоење. Психотерапијата ја препознава оваа потрага како централна бидејќи без смисол, човекот се чувствува празен и изгубен, а со смисол – животот и секојдневието добиваат длабочина и значење.
Убавка Јаневска

