Д-р Давчева: „Не бегаме од тишината туку од тоа што го слушаме во неа“

Објавено: 8 август, 2026, во 16:05 часот

Кога ќе го прочитате овој текст, немојте веднаш да го земете телефонот. Не пуштајте музика. Не отворајте социјални мрежи… Само останете неколку минути во тишина. Не се обидувајте да мислите позитивно. Не барајте решение. Само слушајте. Можеби прво ќе ја слушнете вознемиреноста. Потоа уморот. Потоа некоја стара болка. Но ако останете уште малку… Ќе го слушнете и оној тивок глас што никогаш не престанал да ве чека. Гласот што знае кој сте, дури и кога вие сте се заборавиле, бидејќи човекот не се губи кога останува сам. Човекот се губи кога цел живот бега од средбата со себе.

А тишината… Таа не доаѓа за да нè исплаши. Таа доаѓа за да не врати дома… Еден ден ќе сфатиме дека најважните одговори никогаш не ни дошле додека сме брзале. Не ни дошле додека сме скролале. Не ни дошле додека сме слушале што мислат сите други.

Тие секогаш нè чекале на едно исто место. Во тишината… Затоа што тишината не е отсуство на живот, таа е местото каде што животот конечно може да се слушне. И можеби најголемата храброст на современиот човек нема да биде да зборува погласно од сите, туку да има доволно мир да го слушне она што неговата душа тивко му го шепоти цел живот.

Следниот пат кога ќе почувствувате потреба веднаш да ја исполните тишината со звук, запрашаје се: Од што бегам во овој момент? Можеби токму зад тие неколку секунди молк не ве чека празнина, туку средба со најважната личност што ќе ја сретнете во животот – самиот себе. А кога конечно ќе се сретнете со себе, ќе откриете дека тишината никогаш не била ваш непријател. Таа цело време била вашиот најверен сојузник…

НЕ БЕГАМЕ ОД ТИШИНАТА, БЕГАМЕ ОД ТОА ШТО ГО СЛУШАМЕ ВО НЕА…

Постои еден психолошки парадокс: луѓето не се плашат од тишината како надворешен феномен, туку од средбата со внатрешниот свет што тишината ја овозможува. Тишината е момент кога престануваат сите дистракции и фигурата што долго била оттурнувана природно излегува во преден план. Токму затоа таа знае да биде толку непријатна…Тишината не е само отсуство на звук, таа е простор во кој повторно стануваме свесни за себе…

Оваа тема ја допира една од најголемите, а најмалку препознаени тешкотии на современиот човек. Проблемот не е што имаме премногу од своето искуство во тишината. Ние не бегаме од тишината… Бегаме од тоа што го слушаме во неа…

Да погледнеме околу себе. Чекаме ред во банка, а телефонот ни е веќе во раката. Седнуваме во автомобил и веднаш пуштаме радио. Остануваме дома сами и независно дали го гледаме или не, секако телевизорот работи. Се возиме со лифт во тишина десетина секунди кои ни изгледаат како вечност…

Како да станавме алергични на тишината…

Но, дали навистина ни пречи тишината или ни пречи она што почнуваме да го слушаме кога сè околу нас ќе замолчи? Човекот природно тежнее кон контакт со светот, со другите, но и со самиот себе. Денес, парадоксално, никогаш не сме биле повеќе поврзани со информации, а поретко во вистински контакт со сопственото доживување. Живееме во постојан информациски шум, известувања, видеа, подкасти, музика, социјални мрежи, телевизија… Сето тоа создава чувство дека сме постојано исполнети. Но многу често тоа исполнување е само начин да не останеме сами со своите мисли.

Во психотерапевтската пракса често се случува човек да седне, да замолчи неколку секунди, а потоа веднаш да каже: „Не знам што да кажам!…“ „Многу ми е непријатна оваа тишина!“ Интересно е што тишината траела можеби само десетина секунди. Но тие неколку секунди стануваат простор во кој почнува да се појавува нешто што долго било оттурнувано. Некој почнува да ја чувствува осаменоста. Некој ја чувствува тагата што со години ја покривал со работа. Некој конечно го чувствува заморот што постојано го игнорирал. Некој слуша глас кој со години го надгласувал. Во тие моменти психотерапевтот не брза да ја исполни тишината, затоа што токму таму почнува средбата со себе. Однадвор изгледа како ништо да не се случува. Одвнатре, човекот можеби првпат по многу години навистина се слуша себеси. Затоа тишината не е празна. Таа е исполнета со сè што досега не сме имале време, храброст или простор да го слушнеме и почувствуваме.

Психотераписко искуство: „Не можам да седам дома ако телевизорот не работи!“ Но што се случува кога телевизорот ќе се исклучи? Вообичаен одговор е: „Почнувам да размислувам за работи за кои не сакам да размислувам!“ Во таа една реченица е содржана целата суштина. Всушност телевизорот не е проблем. Телевизорот е заштита. Друго психотераписко искуство: „Незнам зошто, но секогаш возам кола во придружба на гласна музика!“ По даден предлог, намерно да се вози дваесет минути во тишина, добиен е одговор: „Првите десет минути беа ужасни. Потоа сфатив дека цело време сум бил тажен, а не сум го знаел тоа!“ Ништо ново не се појавило. Тагата веќе била таму. Само повеќе немало што да ја покрива.

Во психотерапијата не се обидуваме веднаш да ги оттурнеме тие чувства. Напротив. Го покануваме човекот љубопитно да остане со нив. Да забележи што чувствува во телото. Да забележи какво дишење има. Кои мисли се појавуваат. Што навистина му недостига.

Може ли да се променат овие состојби?

Само она што е освестено може да се промени. Она што постојано го оттурнуваме, останува да управува со нас од сенка. Можеби затоа денес толку тешко ја поднесуваме тишината. Не затоа што е празна, туку затоа што е најчистото огледало што постои. Во неа нема вести. Нема туѓи мислења. Нема споредби. Нема алгоритми. Остануваме само ние. И токму тогаш почнува да зборува еден многу тивок дел од нас. Тој не вика. Не наредува. Не осудува. Само тивко прашува: „Како си навистина?“ „Од што толку долго бегаш?“ „Што ти недостига?“ „Што одамна знаеш, а не си си го признал/а?“ Јас тој дел го нарекувам мудриот дел од човекот. Не затоа што секогаш има готови одговори, туку затоа што никогаш не лаже, а неговите пораки не доаѓаат како гласни реченици. Повеќе личат на чувство дека нешто конечно дошло на своето место. Личат на мир што не мора да се докажува. На тивка сигурност дека знаеме кој е следниот чекор.

Мудроста не зборува најгласно. Таа зборува најтивко. Затоа толку лесно ја заглушуваме. Можеби токму затоа најголемиот луксуз на денешниот човек не е уште еден уред, уште една информација или уште една забава. Најголемиот луксуз е да можеме неколку минути да останеме сами со себе без потреба веднаш да избегаме, бидејќи тишината никогаш не е празна. Таа е полна со одговори. Прашањето е само дали сме подготвени да ги слушнеме…

Зошто денес толку се плашиме од тишината?

Никогаш во историјата човекот не бил толку опкружен со звуци, информации и содржини како денес. Парадоксално, никогаш не сме имале толку малку простор да се слушнеме себеси. Порано тишината била природен дел од денот. Денес таа стана нешто што веднаш се обидуваме да го исполниме. Ако застанеме на семафор, веднаш го земаме телефонот. Ако чекаме во некоја чекална почнуваме да скроламе. Ако останеме сами дома, веднаш пуштаме телевизор, музика или подкаст. Како да сме развиле рефлекс да не дозволиме ниту една минута да остане празна. Но таа не е празна. Во неа почнува да се слуша она што со денови, месеци или години сме го оттурнувале.

Во моментот кога ќе замолчи буката… кого тогаш слушаме?

Повеќето луѓе ќе одговорат: „Своите мисли…“ Но, психотерапевтското искуство покажува дека не ги слушаме само мислите. Го слушаме нашиот критичар кој ни повторува и не критикува дека не сме доволно добри. Го слушаме исплашеното дете во нас кое сè уште бара сигурност. Ја слушаме тагата што никогаш не сме и дозволиле да дојде на површина и да биде исплакана. Го слушаме гневот што цел живот сме го голтале за да останеме „добри“ во нечии очи. Ја слушаме осаменоста која преку ден успешно ја покриваме со работа, обврски и постојана активност. И, ако останеме доволно долго со тишината, почнуваме да слушаме уште нешто. Еден многу потивок глас. Глас што никогаш не вика. Глас што никогаш не нè понижува. Глас што не нè споредува со другите. Тоа е мудриот дел од нас, кој ни потврдува дека не бегаме од тишината, бегаме од тоа што го слушаме во неа.

Сè што долго сме оттурнувале не исчезнува. Тоа само престанува да биде свесно. Но продолжува да влијае врз нашите избори, односи и начин на живеење. Затоа некој постојано мора да биде зафатен. Некој не може да заспие без телевизор. Некој не може да пешачи без слушалки. Некој панично го проверува телефонот на секои неколку минути. Не затоа што му треба нова информација, туку затоа што секоја нова информација му помага уште малку да не се сретне со себе. Телото и умот инстинктивно бараат начин да ја прекинат средбата со она што почнува да се појавува. А токму таму започнува вистинската терапија, не кога ќе најдеме брзо решение, туку кога ќе останеме доволно долго во контакт со сопственото доживување.

Тишината е најискреното огледало што постои. Огледалото не нè осудува, само покажува што стои пред него. Истото го прави и тишината. Таа не создава страв. Таа само го открива стравот што веќе бил таму. Не создава осаменост. Само ни покажува колку долго сме биле осамени. Не создава празнина. Само ја осветлува празнината што сме ја исполнувале со бескрајни активности. Но, истото огледало ни покажува и нешто друго. Ја покажува нашата способност повторно да се поврземе со себе. Да ја препознаеме сопствената вистина. Да почувствуваме што навистина ни треба. Да разликуваме што е наше, а што е глас на родителите, општеството или стравовите. Токму затоа тишината е толку моќна. Во неа прво ги слушаме сите туѓи гласови што сме ги носеле во себе. Но ако останеме доволно долго… Полека почнува да се слуша и нашиот. Не најгласниот, туку највистинитиот. Тоа е гласот на човекот кој конечно се вратил дома, кај себе.

Не созрева човекот кога ќе научи да зборува. Созрева кога ќе научи да остане во тишина без да побегне од себе, бидејќи тишината не е место каде што го губиме патот. Таа е местото каде што повторно го наоѓаме!

Зошто луѓето денес никогаш не се сами… иако физички се сами…

Затоа што нивната глава е преполна со туѓи гласови, со интроекти. Ние мислиме дека кога сме сами, сме сами со себе. Но не сме. Седнуваме во тишина и одеднаш тие почнуваат да зборуваат: „Требаше да го направиш тоа подобро…“ „Не си доволно успешен…“ „Што ќе кажат другите?“ „Повторно ќе погрешиш…“ „Мораш да се вложиш  повеќе…“ „Не покажувај слабост…“ „Биди добар…“

Најголемата трагедија на современиот човек не е што останал сам. Туку што, кога конечно ќе остане сам, открива дека во неговата глава живеат стотици туѓи гласови, а својот речиси и не го препознава. И можеби токму тука се крие најголемата илузија на нашето време. Мислиме дека тишината ќе ни помогне да се слушнеме себеси. Но првото што ќе го слушнеме, не сме ние. Ќе ги слушнеме родителите. Наставниците. Партнерите. Луѓето што нè повредиле. Заедницата. Стравовите. Очекувањата. Сите тие со години се вселувале во нас и полека почнале да зборуваат наместо нас. Затоа тишината на почетокот не носи мир. Таа носи хаос. Не затоа што нешто не е во ред со нас, туку затоа што конечно стануваме свесни колку малку од она што го слушаме навистина е наше.

А потоа се случува нешто прекрасно. Ако не побегнеме, ако останеме. Ако издржиме уште малку… Еден по еден, туѓите гласови почнуваат да стивнуваат. И за првпат по многу години, не слушаме што треба, не слушаме што мора, не слушаме што очекуваат другите. Го слушаме она што отсекогаш било таму. Нашиот сопствен глас. Тивок. Мирен. Без докажување. Без страв. Без маски. И тогаш човекот не добива нов идентитет, туку конечно се враќа на својот.

Психотерапијата не го учи човекот што да мисли. Таа полека ги замолчува сите туѓи гласови, сè додека не остане само еден. Неговиот. Можеби затоа Бог, природата или животот никогаш не зборуваат гласно. Само нашите стравови викаат. Вистината секогаш шепоти. А човекот ја слуша дури тогаш кога ќе стане доволно тивок!

Мимоза Давчева

д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.