Општина Свети Николе отвори повик за Фонд за климатска акција на младите

Објавено: 7 септември, 2026, во 16:20 часот

Грантови од 1.000 до 5.000 долари за климатски проекти можат да добијат млади на возраст од 15 до 24 години кои живеат и имаат идеи во Свети Николе. Општината го отвори повикот за „Фонд за климатска акција на младите“, дел од глобалната програма Bloomberg Philanthropies Youth Climate Action Fund,

Целта е младите директно да се вклучат во создавање решенија за климатските предизвици со кои што секојдневно се соочуваат во својата заедница – од штедење на вода и електрична енергија и намалување на отпадот, до повеќе зеленило, подобри јавни простори и поголема отпорност на климатските ризици.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев, истакна дека програмата отвора простор младите да бидат активен дел од развојот на заедницата.

-Младите имаат идеи, енергија и волја да направат вистинска промена во својата заедница. Со овој повик им даваме можност тие идеи да станат реални иницијативи преку кои ќе се реализираат активности од исклучителна важност за нашата заедница- рече Владев.

За учество е потребен тим од најмалку двајца – млади на возраст од 15 до 24 години. Младите ја развиваат и ја водат проектната идеја, додека апликацијата треба да се поднесе преку регистрираната партнер-организација: здружение (НВО), училиште, младински клуб или јавна институција.

Ивица Арсов, Службеник за млади во Општина Свети Николе, нагласи дека во текот на повикот младите ќе имаат можност да добијат практична поддршка за развивање на своите идеи и подготовка на апликациите.

Поддршката ќе се одвива во три чекори. На 10 септември ќе има инфо-сесија, на која младите ќе можат да се запознаат со условите, тематските области, начинот на учество и можностите за поддршка. На  21 септември ќе има работилница за развој на проектни идеи и активности, на која учесниците ќе работат на предизвикот што сакаат да го решат, преку развој на идејата за иницијатива и конкретните активности и на  5 октомври ќе има подготовка на проектната апликација, со практична работа на целите, резултатите, активностите, буџетот и останатите делови од апликацијата. Повикот е отворен до 15 октомври 2026 година, до 18:00 часот, а сите услови, приоритетни теми, документи и информации за повикот се достапни на: youthclimatefund.svetinikole.gov.mk

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.