Кавадарци раскажа уште една винска приказна под отворено небо – „Тиквешки гроздобер 2026“
Објавено: 7 септември, 2026, во 10:03 часот
Со спектакуларен огномет точно во еден часот по полноќ синоќа, официјално беше заокружено уште едно незаборавно издание на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“. Од 4 до 6 септември, Кавадарци повторно пулсираше во ритамот на виното, традицијата и добрата забава, потврдувајќи го својот статус како винска престолнина на регионот.
Во организација и реализација на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје, Градскиот плоштад и градските улици три дена беа преполнети со илјадници посетители од целата држава и соседството, кои уживаа во богатата и разновидна програма под отворено небо.
Музички ноќи за сите генерации

Вечерната програма на Градскиот плоштад ги донесе најголемите регионални и домашни музички ѕвезди:
Почетокот на фестивалот беше посветен на помладата публика и модерните урбани ритми. Вечерта ја отвори македонскиот состав Зи Бомб, по што атмосферата до вжештување ја доведе регионалната трап-ѕвезда ДеВито. Журката продолжи до доцните часови со енергичниот сет на DJ Галовски.
Втората вечер понуди совршена комбинација на поп и рок звук. Посетителите пееја во еден глас со македонските бендови Дупер и Нокаут, а круна на вечерта беше емотивниот и вечен концерт на легендарниот Жељко Самарџиќ.
Големото финале донесе уште повеќе емоции со настапите на младата ѕвезда Џејла Рамовиќ и познатиот пејач Пеџа Јовановиќ. Настапија и кавадарчанките Слободанка Танева и Мирјана Митрева. Ноќта заврши со грандиозен огномет кој го осветли небото над Кавадарци.
Карневалско шаренило и богати дневни содржини

Покрај вечерните концерти, манифестацијата ги воодушеви сите генерации со негување на лозаро-винарските обичаи и традицијата:
Во саботата, Кавадарци ги отвори улиците за традиционалната карневалска дефиле-поворка, која ги зачува и промовираше вековните тиквешки обичаи.
Неделното претпладне им припадна на најмладите, кои со своите креативни маски и поддршката од DJ Bono внесоа посебна радост и шаренило на плоштадот.
Посетителите дегустираа познати тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети. Во автентичен амбиент во Паркот на револуцијата три дена се ширеше мирисот на скара проследен со звуците на староградската музика.
Спорт, олдтајмери и традиција

За време на фестивалските денови, Кавадарци понуди и богати придружни активности. Во спортскиот центар „Јасмин“ се одржа кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“, низ градските улици помина атрактивното мото-рели, а љубителите на автомобилизмот уживаа во изложбата на олдтајмери на улицата „Илинденска“. За љубителите на традиционалните игри беше организирана и популарната таблијада.

Со успешната реализација на уште еден „Тиквешки гроздобер“, Кавадарци уште еднаш докажа дека го има најдобриот спој на култура, традиција и незаборавен провод.
А.Д


