ЗГ „Разбој“ одбележа 20 години посветени на чувањето и негувањето на културното наследство
Објавено: 26 септември, 2026, во 13:06 часот
Значаен е јубилејот затоа што содржи две децении постоење и активна работа во областа на заштитата, чувањето и негувањето на културното наследство на Велес и на Македонија. Пред членови, соработници и гости на одбележувањето на љубилејот беа претставени дел од досегашните активности и постигнати резултати како и идните планови за работа.
Во рамки на настанот беше промовирана новата веб-страница на ЗГ „Разбој“, преку која јавноста ќе може да се запознае со работата, проектите, активностите и значајните содржини поврзани со културното наследство. Промоцијата на страната и онлајн продавницата се како завршен дел од проектот „Исткаена земја во боите на традицијата“ со што се овозможува на велешките мајстори – грнчари да ги продаваат своите производи во електронската продавница, користејќи дизајнирани картонски кутии.

Присутните го проследија краткиот документарен филм посветен на ЗГ „Разбој“, на Христијан Саздовски, кој е автор и режисер на филмот. Преку филмскиот материјал е претставена приказната за здружението, неговото формирање, развојот низ годините, луѓето кои го развивале и поддржувале, како и неговата определба за зачувување и афирмација на културното наследство.
Во филмот, исто така, се користени делови од филмот на Гоце Станчев, посветен на грнчарството низ активностите на оваа граѓанска организација.


По повод 20-годишниот јубилеј, беа доделени благодарници на членови, соработници и поддржувачи кои низ годините дале свој придонес во работата и развојот на здружението. Со ова признание „Разбој“ им оддаде благодарност на сите оние кои со својата работа, поддршка и присуство биле дел од неговата дваесетгодишна приказна.

Од здружението истакнаа дека овој јубилеј не претставува само осврт кон изминатите две децении, туку и поттик за продолжување на активностите насочени кон зачувување на традицијата и културното наследство.
„Разбој“ – Велес формирано е во 2006 година, а во изминатите 20 години реализира бројни активности, проекти и соработки со институции, организации, културни работници и поединци, со заедничка цел – културното наследство да се зачува, истражува, пренесува и афирмира.

Јубилејот продолжува да се одбележува со низа активности во текот на 2026 година, под мотото: „ЧУВАЈ ГО МИНАТОТО – СОЗДАДИ СИГУРНА ИДНИНА“. И вечерашниот концерт на ВИС „Адет“, кој е со почеток во 19:00 часот, во Ликовен салон Велес е дел од одбележувањето на јубилејот. Влезот е слободен.
Убавка Јаневска


