Актерката Димитровска добитничка на награта „Најдобра актерка“ на Фестивал во Сардинија
Објавено: 14 октомври, 2026, во 12:04 часот
Наградата за најдобра актерка, Весна Димитровска, ја доби на 31 издание на Меѓународниот Фестивал на истражувачки театар „Isola dei Teatri (Остров на театрите), во Сасари – Сардинија, Италија. Таа на фестивалот ја изведе премиерно за странската публика монодрамата „Кога земјата молчи“ инспирирана од ремек-делото „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.

Според фестивалската Жири комисија Димитровска е добитничка на престижната награда поради моќната, мајсторска и длабоко потресна интерпретација на ликот на Велика за што во образложението напиша дека публиката проследи монодрама во која не беше прикажана само актерска изведба туку тоа беше „Сведоштво. Исповед. Катарза. Театар што ранува, потресува и останува во срцето.“ за да додаде:
„Актерката демонстрираше извонредна изразна моќ и ретка способност за преобразба, создавајќи сложен лик растргнат меѓу очајот и пркосота, нежноста и суровоста, мајчинската болка и нескротливата сила на преживувањето. Со целосна посветеност и силен емотивен набој, Димитровска, достигнува до прагот на катарзата, без никогаш да ја изгуби внатрешната вистина на ликот. Актерката не се ограничува само на толкување на Велика, туку ја претвора во живо сценско присуство, во рана што добива глас, во глас на мајка чие страдање ги надминува личните граници и станува колективна меморија. Преку нејзината интерпретација и големото книжевно дело на Андреевски, се открива болната историја на македонската жена и мајка, обележана со војни, загуби и страдања, но и со достоинство, отпор и непобедлива животна сила. Трагедијата на Велика така станува слика на страдањето на македонскиот народ, но истовремено и универзална приказна за човекот соочен со незамисливи загуби.“

Димировска за Дума.мк рече дека ова извонредно македонско дело на познатиот и ненадминлив мајстор на македонската проза Петре М. Андреевски е нејзина вечна инспирација. Таа со монолог од ова дело полагала приемен испит на Факултетите за драмски уметности во Сараево и во Скопје за потоа да прерасне во професионална желба која ја остварила после 40 годишна кариера.
-Јас на сцената во Сасари не ја глумев туку ја живеев Велика со сета моја 40 годишна желба и акумулирана енергија. Публиката ми пренесе дека силно и болно ја доживела Велика или македонската жена, мајка а со тоа и потресната историја на мојата држава, на Македонија. Исто така публиката особено се интересираше за авторот и неговото дело „Пиреј“ за што мислам дека успеав да дадам соодветни информации со кои сакав да ги поттикнам да истражат, да прочитаат и да се запознаат со величината на Петре М Андреевски а преку неговото грандиозно творешто со Македонија, рече Димитровска.

Таа сега особено ја чека македонската премиера на претставата „Кога земјата молчи“ која што наскоро ќе се случи во Театар „Јордан ХК Џинот“ во Велес.
Убавка Јаневска


