Од розовата страна на животот – романот „Стојче бројче“ на Соња Гаврилова (фото и видео)
Објавено: 12 октомври, 2026, во 11:28 часот
Секоја успешна животна приказна може да се сподели, како позитивен пример за добробит на човештвото, за сегашните и идни поколенија.
Топла, емотивна, семејна и училишна приказна за детенцето со попреченост Стојче, главниот јунак во новиот роман за деца и млади „Стојче Бројче“ на авторката Соња Гаврилова од Велес. Роман, кој ги отвора срцата, не само на децата, туку и на родителите, наставниците и сите љубители на литературата и книжевноста. Она што предизвикува посебен интерес и љубопитство да се отворат страниците на овој роман, се актуелноста на темите што ги опфаќа, а се однесуваат на децата и младите: практични конкретни активности за надминување на зависноста од мобилната технологија; развивање на емпатија, благородност и хуманост кај учениците од одделенската заедница во прифаќањето и поддршката на учениците со попреченост инклузирани во основното образование; влијанието на родителите врз семејното воспитување на своите деца со препораки како да се разрешат несредените семејно емотивни односи во семејствата каде децата манифестираат асоцијално и несоодветно однесување и булинг кон врсниците; позитивните практични психолошки примери за училишната поддршка на детенцето Стојче и влијанието на останатите носители на воспитно образовниот процес во училиштето, за подобрување на училишната клима и напредок кај учениците; зајакнување на педагошкиот триаголник – ученик, родител, училиште.

Особено треба да се истакне важноста на игровните активности и предложени работилници со цел да се надминат индивидуалните социоемоционални проблеми кај малиот Стојче, во соработка и со поддршка на одделенската заедница. Позитивната енергија пулсира и спојува во заедништво и љубов кон природата, негата и заштитата на единствениот природен дом, планетата земја, со голема поддршка на родителите, училишниот психолог и одделенската наставничка.

А крајот на оваа приказна, можеби е почеток на нова, инспирирана и мотивирана од волшебното училишно патешествие и дружба на учениците од 5б одделение, дружба во која се приклучија и нивните родители.

Промоцијата на романот „Стојче Бројче“, во издание на Издавачката куќа „Збор“се случи неодамна, во преполнетата сала во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, со поддршка на библиотеката.

Книгата „Стојче бројче’ ја промовираа Марија Давчева специјалниот едукатор и рехабилитатор наставник советник и лиценцираниот психолог и Весна Дамчевска Илиевска д-р на науки за мир и развој.
Ова прво издание на романот авторката го посвети на својата драга пријателка, колешка и цимерка од канцеларија, дефектологот Тања Попова, која со многу емоции даде прекрасен осврт на романот и долгогодишната соработка со Соња Гаврилова.
Секое создадено книжевно дело има свој повод и причина, своја автентична писателска приказна. А приказната на авторката Соња Гаврилова започнува уште во стартот на нејзиното вработување во посебното основно училиште со ученички дом „Маца Овчарова“, за да расте и созрева низ годините исполнети со љубов, професионална посветеност и грижа за учениците со попреченост и со моќта на писателското перо да се преточи во книга, за ука и поука.
Писателката Соња Гаврилова подари по една книга на училишните библиотеки во сите основни и средни училишта во општина Велес со надеж дека малиот јунак Стојче ќе освои уште многу детски срца.
Убавка Јаневска


