Изградена куќа од природни материјали, во Долно Оризари, е новиот дом на велешанецот Ацков
28.01.2021
Четириесет годишниот велешанец Димче Ацков, пред две години, се исселил од Велес во блиската населба Долно Оризари поради загадената животна средина во родниот град. Тоа го сторил, како што вели, откако ја започнал изградбата на неговата еколошка куќа на дедовиот плац. Ацков цели две години го градел новиот, природен дом, што денеска изгледа како што е прикажан на фотографиите. Поточно од глинена земја и вода го создал материјалот вграден во ѕидовите, ја покрил со сламен покрив и поставил дрвена дограма. Денеска оваа куќа нуди неверојатна глетка за посетителите на кои Ацков им раскажува за природните материјали како глина, вода од река Тополка и трева помешана со земја и со слама што му служат како покрив.
– Мојот главен мотив е градењето на еколошка свест. Јас преку мојот живот сакам да им објаснам на луѓето дека може да се живее на начин кој е различен од модерниот, дека може да се користи технологија но загадувањето да биде пониско, рече Ацков, сопственик на природна куќа во Долно Оризари.
Ацков вели дека нему ништо не му значат парите. Тој обожава животни, веган е и се храни со овошје и зеленчук што сам ги одгледува во својот двор. Пие утринско кафе од корен од „Цикорија“ подготвено исто како и храната со вода од бунарот што сам го ископал. Во неговата природна куќа електрична енергија произведуваат соларни панели.
– Основни работи за да биде еден човек здрав се чист воздух, чиста вода и здрава храна. Тие три работи ги нема во градот, додаде Ацков.
Негово хоби се берење на планински чаеви и печурки. Од бербите Ацков и заработува. Колку и да е мала заработувачката тој е задоволен. Овој велешанец пред пандемијата со ковид-19 бил обучувач на заинтересирани граѓани за изградба на природни куќи, исто како неговата.
– Мојата идеа е да привлечам што повеќе истомисленици, што сакаат скромен живот, да се вегани и да не сакаат да ја загадуваат туку да ја чуваат природата. Ги очекувам во поголем број како мои соседи со што ќе ја прифатат мојата идеја за да го создадеме првото природно село во државата. Жителите во секоја куќа ќе произведуваат различни производи и меѓу себе ќе си разменуваме, додаде Ацков.
Неговата единствена желба што поголем број на негови следбеници да ги почувствуваат благодетите на живот во чиста животна средина и во недопрена природата наместо во градови со голема еколошка загаденост.
Стефани Манева