Дуалното образование да произведува оспособена работна сила за потребите на компаниите
04.02.2021
Бизнис заедницата и образовните институции со спротивставени ставови по прашањето на квалитетот на образовниот процес во средните стручни училишта во државата. Сопственици на фирми се соочиле со проблем млади вработени работници во нивните компании да не го познаваат процесот на производство иако се стекнале со диплома за завршено средно образование. Наспроти нив директорите на средните стручни училишта со став дека учениците стекнале теоретско образование но не и доволно пракса.
Стопанственикот Трајче Трајчевски смета дека дуалното образование треба да биде копија на образовниот систем во поранешната држава кога средношколците една недела посетуваа настава и една недела имаа практична работа.
-Нема потреба од ментор ако една недела ученикот доаѓа на пракса во компанија тој практично ќе се запознае со производството ќе има контакт со работниците и ќе стекне работни навики, вештини, дисциплина и знаење потребно за да биде вклучен во производствениот процес. Искуството од мојата фирма е дека 10-15 работници од поранешна Порцеланка се пример за работа иако имаат по 60 години. Тие дирекно дојдоа од средно училиште во Порцеланка и беа носители на производството во тогашната фабрика. додаде Трјчевски.
Директорката на ССОУ „Димитрија Чуповски“ , Маја Хеско вели дека е потребно да се зголеми бројот на часови по практична работа по стручните предмети што го содржи концептот на Дуално образование но и да се намали задолжителниот број на ученици во паралелките.
-Законски е потребно во една паралелка во средно образование да има минимум 24 или максимум 34 ученици. Бидејќи е потребно професорите да им развијат способности, вештини за работа невозможно е тоа да се направи со 34 ученици. Кога ќе се намали бројот на ученици тогаш ќе се добие поголемо време да се работи со нив. додаде Хеско.
Овие ставови беа соопштени на денешната средба за „Усовршување на системот на средно стручно образование“ кој цели кон подобрување на образовниот процес и создавање на образовани ученици што се потребни на компаниите како работна сила, организиран од Министерство за образование. Во големата сала на Општина Велес заедно разговараа директорите на средни стручни училишта, Министерката Мила Царовска, Градоначалникот Аце Коцевски и претставници на меѓународни организации како и институции, претставници на Стопанските комори и на компаниите .
Царовска ја нагласи потребата од тесна соработка меѓу средните стручни училишта и компаниите со цел да се креираат профили кои се потребни во реалниот сектор.
„Важно е да ги усогласиме барањата на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта. Разговорите со градоначалниците и со компаниите ќе резултираат со отворање на идентификуваните профили и паралелки од идната учебна година. Како Министерство за образование и наука ќе го поттикнеме изборот на учениците на бараните занимања и со новините во стипендирањето, затоа што тоа е не само во интерес на бизнисот туку и во интерес на младите луѓе, преку поголема вработливост“, рече Царовска.
Градоначалникот Коцевски ја нагласи потребата од сеопфатни и темелни реформи што му се потребни на образовниот систем.
„Сметам дека компаниите ќе добијат подготвен стручен кадар кој веднаш ќе биде вклучен во производствениот процес, без да имаат дополнителни трошоци за дообуки и доквалификации и ќе се зголеми продуктивноста. Од друга страна, преку дуално образование, учениците ќе можат да стекнат вештини и во иднина да станат добри работници“, рече Коцевски.
Ќе следи усогласување на потребите на реалниот сектор со профилите на средните стручни училишта. Инаку во два наврати по претходните две години слични средби се реализираа во Општина Велес поттикнати од Градоначалникот Коцевски на кои бизнис заедницата предлагаше потребни профили кои недостасуваат како работна сила во нивните компании.
Убавка Јаневска