Признанија за најдобриот полицаец, пожарникар, хуманист, работник и земјоделец

Објавено: 30 декември, 2013, во 17:09 часот

Сто и единаесетте пати дарувана крв и исто толку спасени човечки животи се причина крводарителот Киро Цветков да биде прогласен за најхуман велешанец во 2013 година. Четириесет и три годишниот Тони Арсовски е прогласен за најуспешен полицаец поради успешното, совесно и несебично извршување на работните задачи. Од него осум години е помлад најдобриот пожарникар Бошко Петрушевски кој наградата ја освои поради подвизи и истакнување при гасењето на пожари и спасување на луѓе на подрачјето на општините Велес, Чашка и Градско.

Годинава во друштвото на најдобрите велешани се запиша и занаетчијата Ангелче Мишков пирограф, изработувач на уметнички ракотворби, чии дела го промовираа градот во Соединетите Американски држави. Ристе Јорданов, вработен во ЈКП „Дервен“ наградата најдобар работник ја заслужи за одржување на јавната хигиена, парковите и зеленилото во Велес, додека Игор Јакимовски од село Иванковци е прогласен за најдобар земјоделец поради закупот на 64 хектари земја од државата и производство на житарици, тутун, анасон, градинарски култури, бостан, грав со механизација која ја купил преку кредитирање од страна на државата.

Општината смета дека сите годинешните добитници заслужено ги добиле наградите. Особено Цветков затоа што е дел од најхумано семејство во Велес во кое сопругата Снежана исто така е крводарител со 67 крводарувања а синовите на Киро, постариот Орце дал 30 и помладиот Васко дарувал 11 пати крв.  Тие досега спасиле 219 човечки животи.

– Тоа што успеавме со сопругата Снежана да создадеме потомство кое сака да биде хумано и да спасува луѓе ме прави најсреќниот и најгорд татко на светот. Благодарам на наградата и сакам да им честитам Нова година на моите сограѓани, да им посакам здравје и берикет во 2014 година како и да ги повикам да бидат пред се луѓе подготвени да помогнат секому , рече Киро Цветков.

Видно возбудени, со дипломите и наградите во раце беа и останатите годинешни добитници. Скромно зборуваа за својот професионален ангажман. Најдобриот полицаец Тони Арсовски рече дека велешанки, во споредба со велешани, се повнимателни возачи.

– Моите сограѓанки повеќе внимаваат, посветено возат и се грижат кога се во автомобил. Тоа мора да им се признае. Среќна Нова година на сите. Со моите желби за здравје и берикет само уште апелот  да се внимава на безбедноста во сообраќајот и таа да биде на повисоко ниво за време на празниците, рече Арсовски.

– И да се внимава на огнот, вниманието да биде насочено кон безбедо користење на електричните апарати и ќумбињата, сите да имаат убава новогодишна вечер и секако празници, надополни пожарникарот Бошко Петрушевски.

На новогодишната свечена седница, во име на општината, претседателот на Советот Александар Колев им ги додели решенијата на сите годинешни стипендисти. Тоа се  ученици и студенти, вкупно шеснаесет, кои ќе добиваат месечна стипендија до крајот на школската или студентска година.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.