Стаменов: Откупот на тутун се одвива без посериозни проблеми
На откупните пунктови во Македонија досега се откупени 5 милиони килограми тутун. Тоа е само 15% од вкупно договорената количина. Од досега предадениот род само 4,5 % е тутун од прва класа. Тутунопроизводителите сеуште не почнале да го предаваат убавиот тутун. Засега се предава тутунот од долната и средна берба бидејќи временските услови не им дозволуваат да ги завршат потребните манипулации, рече денеска директорот на Државниот инспекторатот за земјоделство Румен Стаменов.
– Нема крупни проблеми со откупот на тутунот. Се почитува договорот и се вршат реални проценки на родот согласно правилниците. Просечната откупна цена изнесува 156 денари за килограм тутун. Она што се јавува како незадоволство кај тутунопроизводителите е повисоката цена од реалната, според правилниците и мерилата, која во изминатите две години им ја дале компаниите откупувачи. Нормално тутунарите и годинава го бараат истото, рече Стаменов.
Тој по обиколката на пунктовите во селото Бузалково и во населбата Лозово соопшти дека затекнал откуп и тоа како во селото се нуди откупна цена од 181 денар за килограм додека во населбата се откупува вчерашната количина на тутун која била повеќе од договорената со производителите.
– Во Чашка, Бузалково и Лозово затекнавме ситуација во која оние тутунопроизводители кои домаќински и добро го искалапиле тутунот си добија добра цена и излегуваа со насмевка на лицето. Оние пак кои не го доработиле како што треба во кутиите нормално добиваат ниска откупна цена и се револтирани. Уште еднаш ги молам тутунопроизводителите да го средат родот како што треба. Ако и потоа не се задоволни да се жалат на второстепена комисија. Во Лозово ситуацијата е таква што таму вчера тутунопроизводителите носеле поголема количина од договорената. И бидејќи тоа не го пишува во кантарните белешки нормално е проценителите да побараат одобрување од компанијата. Денеска целиот тутун е откупен и на тие тутунари кои вчера велеа дека несакаат да им го откупат, рече Стаменов.
Од Инспекторатот рекоа дека вишокот тутун се откупува но само ако е правилно класифициран. За секое незадоволство тутунарите можат да се жалат пред второстепената Комисија.