Граѓани на „Потокот“ се жалат на смрдеа од канализациона мрежа, од ЈКП „Дервен“ утврдиле дека дефектот е од нивен сосед
Жители на месноста „Поток“, поточно на улица „Вера Циривири“ тврдат дека повеќе месеци на нивната улица истекува отпадна вода од канализационата градска мрежа. Овие жители за да го потврдат напишаното во нивните е-мајл пораки или во инбокс на профилот на Дума.мк на социјалната мрежа Фејзбук испраќаа и фотографии. Состојбата ја опишуваа како непонослива смрдеа што се шири од ширинката пред куќа со број 96 во двата правци на улицата.
Неколкумина жители се сомневаа дека избивањето на канализацијата можеби доаѓа од највисокиот дел на улицата, поточно од карпите позади куќите кои биле дивоградби. За дел од нив, иако не прифатија да дадат изјави и да бидат снимени, сепак проблемот беше поврзан со стар дефект, поправан од страна на екипи на ЈКП „Дервен“, со неколку месечен рок на поправката за потоа повторно да се појави.
Дума.мк испрати прашања вчера и побара став од јавното комунално претпријатие за причината на проблемот на граѓаните во овој дел, на десната страна на градот. Од таму одговорија дека по поплаката на жители на ул. „Вера Циривири“ нивна екипа излегла на терен.
„Информираме дека по приемот на Вашата пријава вчера, на 31 октомври, наша екипа излезе на лице место и утврди дека се случил дефект на приклучна канализациона цевка на станбен објект, за чија поправка одговорен е корисникот на имотот а не ЈКП Дервен. Сопственикот на имотот е одговорен за сите поправки на водоводни и канализациони инсталации на својот имот. Тој може да достави барање до ЈКП Дервен за отстранување на дефектот, за што ЈКП Дервен ќе изготви налог за работа и потоа ќе постапи по налогот на трошок на сопственикот на имотот, пишува во одговорот на новинарските прашања.
Убавка Јаневска