Tутунарите од Бузалково не го даваат родот за 90 денари од килограм
И на седумдесет години Хамит Имери, од велешко Бузалково, цела година со своите деца работи тутун на нива. Неговиот ентузијазам не го поколеба тешката работа туку ниската откупна цена која сега кога треба да го предаде родот му ја дадоа откупувачите. Никој не ми ја цени маката што на старост ја вложувам, вели овој старец.
– Сиромаштија голема е, не знам како ќе го поминеме зимото, на децата ќе треба домати и пиперки да им даваме да јадат само. Јас со седумдесет години се влечам по нивите со сите деца работиме цело лето за сега да ни го потценуваат трудот“, рече Хамит Имери, тутунар.
Сите производители од Бузалково се жалат на нереалната проценка на квалитетот на тутунот. Само најсиромашните семејства ги прифатиле потценувачките цени. Останатите револтирани се уште го блокираат откупот.
– Јас го предадов оти морам, еднаш отидов па го вратив но вториот пат морав бидејќи треба да се платат сметките каде што должам. Што да се прави нема друго решение, рече Руфат Лимани.
Тутунарите сметаат дека инспекциите соработуваат со фирмите откупувачи. Затоа го бојкотираат откупот.
– Доаѓаат инспектори, но само за да не убедуваат да го предадеме тутунот по цена која ја сакаат откупувачите. Заедно со нив се. Ќе дојдат пет минути ќе видат и ќе си заминат, но ништо после нив не се подобрува, рече тутунарот Ќенан Касами.
Производителите во Бузалково и уште неколку села во велешко живеат само од производство на тутун. Како традиционални производители раскажуваат како пред неколку децении се чувствувале достоинствено од проценките и исплатениот тутун. За годинешните велат дека тоа не се. Се сомневаат дека никој нема да им помогне за да го продадат тутунот за повисока цена од веќе понудената од 90 денари за килограм./Б.Н