Поставена железната конструкција на новиот пешачки мост во Велес
Конструкцијата беше поставена денеска преку битолската пруга, во близина на Жаба зграда, со цел да ги поврзе улицата „Кумановска“ и општина Велес. На овој начин се олеснува комуникацијата на граѓаните од новиот дел на градот со општинската администрација и во исто време се скратува патот на граѓаните до индустрискиот дел на Велес и железничката станица.
Откако фирмата изведувач ја постави железната конструкција деновиве ќе се монтира и подлогата на мостот а ќе се градат и пристапите до него. Мостот ќе располага и со пристапни патеки за инвалиди. Исто така ќе се поставува бехатон на патеките до пешачкиот мост.
– Изведувач на мостот е ФЗЦ 11 Октомври од Куманово од кого очекуваме целосно да ги заврши работите за седум дена. Потоа ќе се градат пристапите и приодите од двете страни на мостот и битолска пруга. Се надеваме дека времето ќе дозволи да ги завршиме сите планирани работите и до крајот на годината да го предадеме во употреба. Во колку времето се влоши тогаш планирано е се да завршиме во месец јануари, вгодина. Потоа веруваме дека ќе добиеме дозвола од Македонски железници да ги уредиме бреговите од двете страни на железничката пруга за Битола, во овој дел, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Овој проект го финансира општината од сопствен буџет и чини 3 милиони и 100 илјади денари.