Белоглавиот орел му се врати на Велес
Наместо во Пешти, еден пар белоглави орли, изминатово лето се всели во карпа надвисната над јужниот излез на Велес. Парот и денеска гордо стоеше на карпата со поглед свртен кон градот. Жители на улицата Коле Цветков, кои подолго време ги набљудувале белоглавите орли, тврдат дека тие живеат во карпата.
– По скоро три децении ова лето повторно и се вратија на карпата. Откако ќе преноќат во внатрешноста секое утро излегуваат и секогаш стојат на врвот. Многу често ги гледам како летаат и штом најдат храна повторно се враќаат горе на врвот на карпата. Знаат да слетаат и долу на Вардар, веднаш под Адата но, не се задржуваат долго време. Ме потсетија на детството кога љубопитноста често не водеше на истата карпа на која и денеска ги гледам. Тогаш птиците беа побројни. Наоѓавме и по десеттина до петнаесет седалки во кои тие живеја, рече велешанката Ана.
Таа живее во последните куќи на оваа улица. Глетката што директно се прикажува од нејзиниот прозорец е токму карпата на која стојат белоглавите орли иако е од другата страна на Вардар. Ана и нејзините соседи велат дека засега никој не ги вознемирува птиците. Тоа е добро затоа што во спротивно тие ќе одлетаат од карпата. Овие велешани кои во изминатите месеци ја чувале информацијата порачаа да не се вознемируваат птиците.
– Само така ќе придонесеме да се зголеми нивниот број. Еден извесен период читав дека белоглавиот орел е пред изумирање. Затоа сметам дека внимателно треба да се однесуваме кон овој пар. Мислам дека полека му се приближува на градот. Сега не сум чула а и не сум видела дали ги има и во Пешти, рече Ана.
Белоглавиот орел е со закон заштитен вид на ретка птица во Македонија. Тој може да порасне и до еден метар а распонот на неговите крилја да изнесува 2,5 метри. Негово омилено живеалиште се карпите и пештерите во месност Пешти, крај Велес.