Конгрес на СДСМ: Промена во политичките слоеви

Објавено на 1 јули, 2013 во 14:36

15-от вчерашен конгрес на социјалдемократите најави целосна реорганизација и промена.

По именувањето на Радмила Шекеринска за заменик-претседател, новиот лидер Зоран Заев најави промени кои тој ги смета за „авангардни и визионерски“.

„Еве и формално, статутарно, ја зацврстуваме и зајакнуваме партијата, но истовремено ја отвораме СДСМ за граѓаните од сите општествени слоеви, од сите етнички заедници, од сите возрасти со еднакви можности. Од овој 15-ти конгрес на СДСМ јавно декларираме и обелоденуваме дека не се согласуваме со ваква Македонија во која живееме денес“, изјави Заев.

Со измените на стаутот ќе се зголеми процентот на учество на младите (од 20 на 30%) и жените (од 30 на 40%) во органите на партијата.  Дел од партиското раководство не се согласува со сите предлози за реформите, сметајќи дека партијата на тој начин ќе се централизира.

На конгресот се разгледаа и прашања околу економската состојба во државата, меѓуетничките односи, неуспехот на меѓународен план, како и односот на владата за проблемот со името. Опозициските партии очекуваат продолжување на соработката со СДСМ.

„Веќе се создаваат сите предуслови многу поискрено, поотворено да се соработува и да се понуди една платформа која објективно ќе анимира повеќе политички субјекти против политиките на власта“, изјави Тито Петковски од НСДП.

Најавени се и промени во структурата на Скопската организација.

Л.С.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.