Клучот од градот од Горан Петров во рацете на новиот градоначалник Славчо Чадиев!
Довчерашниот градоначалник на Велес од функцијата замина како што рече горд и со чисто срце, новиот прв човек на градот од утре вети дека ќе почне со реализација на ветените проекти.
Со полна душа и чисто срце, вложувајќи се максимално за моите сограѓани заминувам од градоначалничката функција. Со овие зборови градоначалникот на Велес во заминување, Горан Петров го започна денеска говор на официјалната свеченост за примопредавање на функцијата градоначалник. Тој на својот наследник симболично му го подари клучот од градот порачувајќи му дека се надева дека ќе го направи уште подобро место за живеење прераснувајќи во индустриски и стопански центар во земјата.
„Настанот кој го одбележа мојот мандат е еколошката револуција на која 20 илјади велешани со една цел испаднаа на протест со респект кон сите и барање за почитување на сопствената волја. Најголема сатисфакција за еден градоначалник е кога сопствените граѓани ја земаат судбината во свои раце и тоа ме направи горд. Се трудев да им помогнам на сите луѓе на кои со години и децении им беше оневозможено да уживаат во основните цивилизациски вредности особено во високите делови од градот каде имаше проблем да дојде противпожарно возило или пак брза помош. Сакам да ме паметат како човек кој го слави градот и интересите на граѓаните, се обидов да им помогнам на сите креативни дејци прифаќајќи ги сите нивни идеи и иницијативи, а со тоа да го кренам велешкиот дух и сите способни да имаат партнер во општината и градоначалникот“, рече Горан Петов.
Преземајќи ја функцијата градоначалник на Велес, Славчо Чадиев му се заблагодари на Петров за успешната соработка и уште еднаш порача дека започнува со реализација на неговата предизборна програма.
„Ова е мој прв работен ден и истовремено сакам да изразам задоволство што општина е стабилна, и без долгови, а ветувам дека така ќе биде и по четири години од мој мандат. Ќе работам на локалниот економски развој, за реализација на најавуваниот нов режим на сообраќај, а можете и самите да видите дека се работи на 10 позиции во градот, а така ќе продолжам и во нареден период со ист интензитет. Помалку ќе зборувам повеќе ќе работим, ме очекува интензивна соработка со влада за реализација на 18 проекти кои ги ветивме, пратениците ќе ги искористам за интересите на Велес. Уште еднаш ќе повторам дека ќе сум градоначалник на сите граѓани што ми е обврска после добиената доверба од нив“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Инаку тој ја презема општината без ниту еден заостанат долг и со 10 милиони денари на сметката на градот. Досегашниот градоначалник Петров му порача дека ќе има со што да располага и да ги планира парите. Му даде обврска да го вади цвеќето во саксиите во градоначалничкиот кабинет, по што двајцата испија заедничко кафе./Б.Н.