Велешките средни училишта ја започнаа трката за ученици!
Речиси сите преку промотивни кампањи ќе се обидат да привлечат ученици од околните градови, бидејќи во Велес има се помалку деца.
Да се привлечат што е можно повеќе осмоодделенци е целта на четирите велешки средни училишта кои деновиве кројат стратегија како да се дојде до ученик повеќе. Во недостиг на ученици тие се во трка за привлекување на полуматурантите кои годинава го завршуваат основното образование. Министерството за образование го објави конкурсот за запишување и предвидува 1054 места за идни средношколци. Но, во училиштата од година во година се запишуваат се помалку. Од ССОУ Коле Неделковски каде секоја година има простор за дури 408 ученици потврдуваат дека последниве години се справуваат со проблемот на мал број завршени осоомделенци во општината.
„Се очекува да се запишат ученици во 12 паралелки, но факт е дека секоја година се намалува бројот на ученици кои завршуваат основно образование. Меѓутоа за среќа нашето училиште се уште го одржува истиот број на запишани ученици секоја година и тој се движи околу 200. Нашите очекувања и годинава се да ги привлечеме учениците кои доаѓаат надвор од градов и тоа најмногу од Источна Македонија, па така и сега имаме од Богданци, Ѓевѓелија и Свети Николе“, рече Валентин Елискоски, директор на ССОУ Коле Неделковски.
По примерот на ова училиште и од гимназијата најавуваат дека целта им е да привлечат ученици од околните населени места. Поради ова раководството одлучи да воведе две нови програми за приемнета уметност и компјутерски технологии и да води поагресивна промотивна кампања за училиштето.
„Имаме предвидено 7 паралелки за ученици со мајчин македонски јазик и една за оние со албански јазик. И кај нас паралелките бројат се помалку ученици, но сепак се движат над законскиот минимум од 24. Сепак годинава ќе промовираме програми кои очекуваме да донесат што е можно поголем број на идни гимназијалци, а кампањата за нивна промоција ја започнуваме уште идната недела. Таа нема да биде класична и мислам дека ќе успееме во намерата“, рече Сашко Андреевски, директор на Гимназија Кочо Рацин.
И од останатите две средни училишта потврдуваат дека ќе се обидат годинава да запишат што поголем број на ученициВо економското има просто за 170 нови средношколци и тоа во 5 паралелки, додека во хемиското ќе можат да се запишат 204 ученици во 6 паралелки./Б.Н.