Советнички трансвер во велешкиот совет уште на првата седница!
Советничка Рајна Стојанова од ВМРО НП ја напушти опозицијата и седна во редовите на владеачкото мнозинство. Така сега силите се тринаесет наспроти десет советници во корист на колаицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Во советот влезе како 10 – та на листата на коалицијата предводена од СДСМ, но новата советничка Рајна Стојанова своето место го најде во редовите на ВМРО ДПМНЕ уште на првата конститутивна седница. Зошто го сторила ова не сакаше да каже, само кусо одговори дека сакала да помогне во поефикасна работа на велешкиот совет. Оваа постапка ја изненади опозицијата.
„Немам никаков коментар бидејќи не сум контактирал со неа и ниту јас не знаев за нејзината одлука“, рече Благој Коларов од советник од СДСМ.
Според власта пак демократско право е секој советник да одлучи на чија страна ќе биде.
„Според уставот и законите секој член на советот има демократско право да го изрази својот став и мислење и согласно ова ја ценам и оваа нејзина постапка“, рече Александар Колев, советник од ВМРО ДПМНЕ.
Инаку ова беше прва, конститутивна седница на велешкиот совет на која за претседател мнозинството го изгласа Александар Колев, а негов противкандидат кој доби помалку гласови беше Благој Коларов.
Сите дваесет и тројца советници се заколнаа дека ќе работат во интерес на граѓаните на Велес. Пред крајот на седницата градоначалникот во заминување Горан Петров им подари по еден мобилен телефон. Претседателот Колев пак доби и ѕвонче од Петов за како што му рече полесно да воведува мир меѓу советниците./Б.Н.