Велешани ќе почекаат за велосипедска патека, трката по повод денот на пролетта и годинава се возеше по градските улици!
Еколошкото друштво Вила Зора и општината го одбележаа Денот на пролетта..
Да се поттикнат велешани да возат велосипед оти тоа е најекономично, еколошко и здраво превозно средство. Ова е целта на традиционалната трка Тур Де Велес која секоја година ја организира еколошкото друштво Вила Зора во соработка со општината. Но, и годинава како и изминатите 11 години велосипедистите се тркаат по велешките улици.
„Целта е да делуваме врз свеста на граѓаните, но и на градските татковци. Постојано притискаме да се изгради велосипедска патека, но најверојатно ќе почекаме уште некоја година. Крајно време е да размислат надлежните за значењето на патеките и за тоа дека во моментов возењето велосипед во градов и околината е многу небезбедно“, рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора.
Екологистите и општината заедно со училиштата и градинките во центарот на градот точно во дванаест часот го најавија доаѓањето на пролетта. Учениците своите еколошки пораки ги закачија на дрвото од пластика за да им ги кажат своите желби на возрасните. Дрвото со еко пораките ќе биде изложено во ликовниот салон како и сите изработени ракотворби од пластика за која дечињата научиле дека е еколошки да се рециклира./Б.Н.