Медиуми: “ММИ е втор надграден и проширен ЗАМП“ !
Двојната наплата на авторски права што го наметна Здружението на граѓани “Македонска музичка индустрија“ – (ММИ) ги натера приватните локални радиодифузери да бараат правда.
Здружението на приватни електронски медиуми денеска во Кавадарци одржа работен состанок на кој беа донесени повеќе заклучоци околу натамошното делување на еснафот. Од преиспитување на работата на ММИ и ЗАМП, преку барање до финансовата полиција за контрола на ММИ како и до Управата за јавни приходи и обвинителството за одземање на лиценцата за работа на ММИ.
Во исто време, приватните радија и телевизии, ќе емитуваат македонска музика со унифициран џингл во кој ќе се информира за проблемот со ММИ. Ако се ова не даде резултат ќе следуваат прекинувања на програмата. На крајот, приватните радиодифузери, рекоа дека ќе се спротивстават и со не емитување на македонска музика на програмата на радијата и телевизиите.
На состанокот едногласно беше прифатено да се бара намалување на процентот што од електронските меидуми по основ на авторски права го собира ЗАМП.
“Одлуките се од пошироко значење, а се донесени со голем легитимитет. Барањето за одземање на лиценцата на ММИ беш едногласно подржано. Ќе ги искористиме сите правни норми да се преиспита досегашното работење на ЗАМП. Бидејќи главниот проблем се авторските права а ММИ е надграден и проширен ЗАМП. Приватните радиодифузери, петнаесет години, без никаков проблем си ги плаќаат авторските права како и сите давачки за вработените и даноците кон државата. Мислам дека не е фер сега кога светската криза ни стана домашна и кога власта се обидува во сите сфери да помогне, во такви услови ние да добиеме дополнителен товар. Оваа давачка што сега ММИ ја бара од нас тоа ќе значи дека 30-40% од колегите ќе треба да ги затворат локалните радија или телевизии. Не станува збор дали можеме и дали сакаме, туку дека нема да можеме да ја плаќаме уште таа давачка,“ рече Сашо Митаноски, претседател на Здружението на приватни електронски медиуми.