Има ли иднина Скијачкиот центар Кожуф?
Ќе има ли годинава скијачи на патеките на Ски центар Кожув?
Ова прашањето се наметнува на еден месец пред стартот на скијачката сезона. Центарот е без струја веќе неколку месеци. Тоа ги загрижува луѓето кои изминативе години инвестираа во изградба на викенд куќи и угостителски објекти. Стравуваат дека ќе им пропадне и оваа скијачка сезона. Разговаравме со нив и се пожалија дека долг период нивните објекти со струја се снабдуваат преку агрегати. Велат, приморани се повеќе пати во неделата да носат нафта за да можат да работат агрегатите и да си обезбедат минимум струја во нив.
Дознаваме дека за овој проблем подолго време барале одговор од сопствениците на компанијата “Ски Кожуф“ но, се останало само на ветувања. Помош побарале и од ЕВН, да им овозможат одвоени приклучоци но и тоа не било изводливо бидејќи трафостаницата и мрежата биле во сопственост на компанијата Ски Кожуф.
Од ЕВН објаснуваат дека нивни екипи веќе работеле на санирање на дефектот кој се појавил на 20 кВ кабел до трафостаницата која го напојува со струја центарот.
“Во наредните денови може да се пушти струја но, трафостаницата нема да може да ги снабдува корисниците бидејќи сопственикот на Ски центарот има долг кон ЕВН Македонија од над милион денари. Додека не се расчисти овој долгот струјата нема да биде пуштена. Законот важи за сите па така и за овој објект. Поради немање на технички услови сопствениците на викенд куќите, кои се дел од комплексот и имаат барање за поставување приклучок, неможеме да ги приклучиме на трафостаницата. Не сме во можност да им обезбедиме технички услови бидејќи Ски центарот Кожуф е сопственик на таа трафостаница, вели портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.
Извршниот директор на Ски Кожуф не одговори на нашите повици затоа неможевме да го слушниме неговиот став. Инку таму веќе подолго време не се гради ништо од најавуваните големи инвестиции. На неодговорниот однос на Ски Кожуф лута е и локалната самоуправа на Кавадарци. Забелешката на градоначалникот Алекснадар Панов се однесува на големите поволности, поточно ослободувања од плаќање на комуналии што “Ски Кожуф“ ги добила како компанија инвеститор.
Во моментов државата работи на целосно санирање на оштетувањата на патот кој води од “Смрдлива вода“ до ски центарот, долг петнаесет километри. Овде се отстрануваат свлечиштата и се градат потпорни ѕидови. Според последните информации новоизградениот пат се очекува да биде пуштен кон крајот на ноември.