Сенди мина низ Њујорк сега се движи кон Филаделфија!
Најмалку 14 луѓе загинаа, повеќе од 2,2 милиони луѓе во 11 сојузни држави на истокот и североистокот од САД останаа без снабдување со електрична енергија по налетот на ураганот Сенди, кој според предвидениот термин во понеделник навечер по локално време го погоди американскиот источен брег.
Меѓу настраданите најмногу жртви има во Њујорк, каде загинаа пет лица, додека жртви има и во Њу Џерси, Масачусец и Конкетикат.
Американскиот Национален центар за урагани ја преквалификуваше Сенди при движењето во насока на Њујорк од ураган во екстратропска бура или постотропски циклон, но оваа терминологија е само од технички карактер, бидејќи фактички Сенди не слабее. Класификацијата значи дека Сенди и натаму ја има силата на ураган, но ги загубила другите карактеристики на тропска бура, во прв ред температурата во нејзиниот центар. Таа е една од најголемите во историјата што ги погодиле САД. На копното пристигна на околу 10 километри југозападно од Атлантик Сити, во брзина на ветровите од 129 километри на час.
Њујорк е зафатен од големи поплави, речиси целиот Менхетн е под вода, чие ниво на одделни места изнесува четири метри. Полициската станица во Бруклин е евакуирана откако се урнал еден ѕид.
Полицијата забележала повеќе од 10.000 повици на бројот 911, само првите половина час од ударот на ураганот Сенди.
Најголем проблем за средување на состојбите во градот во наредните денови е фактот дека водената стихија го поплавила тунелот кој го поврзува Бруклин и Батери Парк во јужниот дел на Менхетн, како и подземната железница која се наоѓа под Ист Ривер, во делот помеѓу Менхетн и Квинс.
Целосно е поплавено градилиштето каде се гради Светскиот трговски центар.
За разлика од Њујорк, Вашингтон не претрпел поголеми поплави, метеоролозите тоа го објаснуваат со правецот на ветерот кој дувал во правец на реката Потомак.
Во повисоките делови на Западна Вирџинија наврнале големи количини на снег, кои на поедини места изнесуваат 60 сантиметри.
Ураганот откако поминал низ Њујорк продолжил да се движи кон Филаделфија.
И покрај намалената опасност од силните ветришта и врнежите од дожд, во Вашингтон и Њујорк и денес целосно ќе биде во прекин градскиот сообраќај, вклучувајќи го и метрото, а исто така ќе бидат затворени и сите државни институции и училишта.
Метеоролозите проценуваат дека во времето полека ќе се стабилизира, но дождот нема да престане да паѓа до среда попладне.