Олабавени мерки до вторник, висок број на оздравени од ковид-19
Откако се воведоа рестриктивните мерки, бројот на заболени и починати од ковид 19 во земјава се намалува.
Според вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје, за изминати 24 часа, регистрирани се 3.803 оздравени пациенти. Тоа е најголем број регистирирани оздравени пациенти од ковид-19 за еден ден досега. Регистрирани се и 123 нови случаи со ковид-19 и 17 починати.
Надлежните велат дека новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести се врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во земјата.
Полицискиот час до вторник ќе започнува на полноќ и трае до 4 часот изутрина. Дозволеното време за работа на угостителските објекти за работа со посетители, гости во отворениот дел од угостителскиот објект е до 23:30 часот. Сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор. Вежбалните, фитнес центрите и теретаните може да отпочнат со вршење на својата дејност во објектите.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.494, бројката на оздравени пациенти е 143.069, на починати е 5.168, а бројот на активни случаи изнесува 6.257.