Нормализиран сообраќајот на стариот пат Велес – Градско, но возете внимателно
За два часа, денеска, машина ја искрши одронетата карпа на регионалниот пат Велес – Градско. Уште толку време им беше потребно на вработените на ЈП „Македонија пат“ за да ги соберат и утоварат поситните карпести делови од дробењето. Потоа да ги транспортираат од местото на одронот и да го исчистат и уредат патот за нормално одвивање на сообраќајот на двете коловозни ленти. Претходно, во текот на денот, на овој пат се возеше по една коловозна лента.
– На овој патен правец во 18 часот е пуштен сообраќајот на двете коловозни ленти. Повеќе време ни одзеде транспортот на машината за дробење на карпата од Скопје до Велес во споредба со потребното време за кршење, собирање и утоварање од локацијата на регионалниот пат Велес – Градско. Исто така, го симнавме поточно искршивме и делот од карпестиот масив за којшто стручни лица на ЈП „Македонија пат“ укажаа дека е можно да се откине и падне на коловозот на патот, рече Ѕвонко Коцевски раководител на велешката подружница на јавното претпријатие.
За свлекувањето на карпата и за денешните завршени работи поврзани со расчистувањето ЈП „Македонија пат“ го известила ЈП за джавни патишта . Тоа е надлежно да направи проценка на безбедноста на карпестиот рид над регионалниот пат Велес – Градско.
Засега, по овој пат, потребно е внимателно да се вози.
Инаку, карпата се откина и свлече ноќеска околу полноќ. Во текот на ноќта и рано утринава вработените на велешката подружница на ЈП „Македонија пат“ успеале да ги соберат и транспортираат по ситните парчиња. Во текот на денот се дробеше неколку тона тешкиот карпест дел што беше свлечен на коловозот веднаш по угорнината, на свиокот, штом се вклучите на регионалниот патен правец од страната на Велес. Сообраќајот беше во прекин четири часа.
Убавка Јаневска