Се подобруваат условите за настава и престој во светиниколската гимназија
Училишната зграда што се реконструира од месец април, годинава, и е втор објект на СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе, денеска ја посети министерката за образование Мила Царовска заедно со Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски. Царовска направи увид во градежните работи и соопшти дека целта на министерството е подобрување на условите за изведување на настава и за претстој во објектот што функционира како интернатски дел. Притоа министерката Царовска го потенцираше значењето на средното стручно образование како и придобивките од него за учениците.
-Со оваа капитална инвестиција покрај тоа што обезбедуваме одлични услови на учениците за одвивање на наставата, истовремено ги поттикнуваме да се запишуваат во средното стручно образование кое нуди можности за побрзо вработување. Стручните кадри се од суштинско значење за успешно функционирање и напредок на компаниите и за таа цел МОН продолжува во соработка со локалните самоуправи и стопанските комори да го јакне и унапредува стручното образование, изјави министерката.
Целосната реконструкција чини 25 милиони денари и обезбедени се преку Министерството за образование и наука. Во училишната зградата ќе биде извршено обновување на електрична инсталација,ќе биде направено внатрешно уредување на собите. Целосно ќе се обноват тоалетите, прозорите, вратите, подовите, канализацијата, водоинсталацијата и парно греењето во домот. Исто така, ќе се изврши реконструкција на кровот и училниците.
-Во тек е реконструкцијата со којашто се обезбедуваат далеку подобри услови за изведување на наставата и за престој на учениците во интернатскиот дел. Се надеваме дека овој училишен објект на светиниколската гимназија, што е втор освен зградата во центарот на градот, ќе биде готов пред започнување на новата школска година, рече Градоначалникот Сашо Велковски.
Рокот на изведбата на градежните работи според тендерската документација е 30 октомври, годинава.
Стефани Манева