Почина директорот на ЈЗУ “Болница Јасеново“ д-р Зоран Матев, специјалист по интерни болести
На педесет и осум годишна возраст, вчера вечер во 23:30 часот, по кратко боледување почина д-р Зоран Матев специјалист по интерни заболувања и директор на ЈЗУ „Болница Јасеново“.
Д-р Матев триесет години беше вработен како лекар во ЈЗУ „Болница Јасеново“. Својата професионална кариера ја започна како лекар по Општа медицина. По краток временски период од вработувањето доби специјализација по Интерна медицина. Како специјалист во реномираната болница работеше и откако доби супспецијализација на истата медицинска област.
Д-р Матев смртта го затекна во вториот мандат на функцијата директор на ЈЗУ „Болница Јасеново“ што започна да ја извршува во месец август 2017 година.
Во болницата, денеска, се одржа комеморативна седница, на која за професионалниот животен пат пред колегите и вработените зборуваше неговиот колега и заменик, д-р Мире Петкоски специјалист по интерни заболувања.
Посмртните останки на д-р Зоран Матев ќе бидат погребани, утре, вторник 20 јули, во 13 часот на гробиштата на Соборната црква „Свети Пантелејмон“ во Велес.
Убавка Јаневска