Трактори со огревно дрво се честа глетка на велешките улици (ФОТО И АУДИО)
На девет дена пред официјалното започнување на грејната сезона зголемена е побарувачката на огревнo дрвo во градот. Државното претпријатие поточно подружницата Шумско стопанство „Бабуна“, врши достава на последните количини, околу 20 отсто од примените уплати на граѓани. Останатите 80 отсто според раководителката на подружницата, Билјана Тевчева Кошинова, веќе го добиле платеното огревно дрво, најголем број од нив дабово и помал број на буково дрво.
– Според динамиката којашто ја имаме и ако дозволат временските услови што претпоставувам дека ќе биде добро, до крајот на месецот сите граѓани коишто имаат уплатено кај нас во шумското ќе го добијат огревното дрво, додаде Тевчева Кошинова.
Според раководителката на ШС „Бабуна“ штом завршат со испораките на веќе уплатените количини дрва ќе овозможат и нови уплати за достава во текот на грејната сезона. Уплатите ќе се однесуваат на потребна количина на огревно дрво од видот бука што поради местоположбата на сечите, што се наоѓаат на повисоки места и до нив патиштата се влажни како последица на наврнат дожд, потешко се транспортираат до складот во Велес. Но најверојато граѓаните не ќе можат засега да уплаќаат и купуваат даб. Инаку преку уплатите што „Бабуна“ ги примаше, метар просторен бука чини 2.371 денар додека даб 2.453 денари.
За разлика од државното претпријатие во моментов во многу подобра состојба со огревно дрво стојат приватните складови во градот. Таму може да се најде огревно дрво и од двата најкористени видови. Метар просторен даб се продава по цена од 3.000 денари додека бука за 2.900 денари. Доколку граѓаните сакаат огревното дрво да биде сечено дополнително плаќаат по 250 денари и исто толку за транспорт до дома.
Стефани Манева