Бошков – „Коки“: Горд сум на спортските афоризми но читајте ги и останатите – смејте се велешани
Никола Бошков – Коки е велешанец, пензионер, којшто своето слободно време креативно го искористува пишувајќи афоризми инспириран од секојдневниот живот. Тој помеѓу граѓаните е препознатлив како здравствен работник со 35 годинишно работно искуство на одделот за анестезија во велешка болница. Коки или за повозрасните граѓани Кокан беше дел од здравствените оперативни тимови на две одделенија во велешка болница, поточно на хирушкото и на гинекологија. Овој здравствен работник уште во школските денови пишувал песни и години подоцна инспириран и од својата работа започнал да пишува афоризми.
-Не знам точно од каде произлезе мојот интерес за афоризми, можеби таква ми беше и работата бидејќи работев со луѓе од различен профил, секојдневно доаѓаа различни пациенти со кои се дружев и од секого можев да научам по нешто. Но многу ми помогна и спортот, јас многу спортував и од таму црпев инспирација за да напишан по некој афоризам. Сега во слободно време кога немам што да правам, пишувам и се обидувам да бидам интересен, додаде Бошков.
Препознатлив по ведрината, шегобиноста па и сатиричност помеѓу своите колеги додека работеше, овој велешанец во пензионерските денови посакува не така едноставното секојдневие на своите сограѓани да го развредри. Шегата и смеата на којшто подзаборавивме во последно време ги содржат афористичните зборови што тој ги пишува. Еве како ова попладне додека го читате овој текст можете лесно да и се препуштите на смеата.
-Проблемот со тоалет хартијата ќе биде многу бргу решен, штом студентите ќе ги добијат своите дипломи.
-Секретарките се како епска песна, се пренесуваат од колено, на колено.
-Мојот индекс зависи од професорот а неговиот брак од мене.
-Колку на жените јазикот им е покус, толку бракот им е подолг.
-Ако не се лапсусите, глупавите нема никогаш да изговараат нешто паметно.
Бошков своите афоризми на тема спорт уште во далечната 1998 година ги објавувал во тогашниот велешки весник „Вардарски глас“ се до неговото затворање. Потоа случајно започнал соработка со скопскиот весник „Скок“ кадешто скоро четири години ги објавувал своите афоризми како на тема спорт така и на тема љубов.
-Уште кога постоеше Нова Македонија со Мицкович којшто беше еден од големите спортски пера за време на бифша Југославија, заедно игравме ракомет и јас му праќав спортски афоризми но тој ми кажа дека ќе се создава нов спортски весник и ми понуди соработка. Од првиот број којшто излезе од печат до самиот крај имав испратено преку 1000 афоризми, додаде Бошков.
Осумдесет годишниот Коки има желба своите спортски афоризми да ги издаде, како што вели тој, пола од афоризмите да бидат преточени во една книга за да остане нешто вредно како за државата така и за спортот.
По денешниот разговор тој ни стави на располагање дел од неговите афоризми и изрази интерес за соработка. Никола Бошков помеѓу велешани познат како Кокан ќе имате можност преку изразот афоризми да го читате на веб порталот Дума.мк.
Уживајте!
-Општествениот имот го поделивме на парцели, сега очекувам свеста да ми умре за да можам и јас да добијам некое убаво место.
-Импотентните професори се најголемата гаранција дека оценувањето на убавите студентки ќе биде објективно.
-Кога мажот ќе прогледа, на слепата љубов и е дојден крајот.
-Првите рогови се како и првите заби – обично болат.
Тимот на Дума.мк му го честита роденденот на Никола Бошков – Коки : „Дувај уште многу роденденски свеќи и твори за да се смееме сите бидејќи насмевката го продолжува животот“.
Стефани Манева