Превентивни активности на СВР Велес и ОВР Кавадарци за побезбедно летно возење
Објавено: 25 јуни, 2026, во 09:50 часот
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивни активности на наплатните станици „Отовица“, „Сопот“ и „Градско“ во рамки на кампањата „Безбедно во лето – вози одморен, вози одговорно“.
Во непосредна комуникација со возачите, полициските службеници укажуваа на значењето на одмореноста при управување со моторно возило, посочувајќи дека заморот и намалената концентрација се меѓу најчестите причини за сообраќајни несреќи во летниот период.
-На возачите им беше нагласено дека во период кога е зголемен бројот на туристи кои транзитираат низ државата по автопатот А1, а патувањата до туристичките дестинации траат со часови и опфаќаат стотици километри, неопходно е да прават почести паузи и да ги почитуваат препораките за безбедно учество во сообраќајот, соопштија од МВР.
Паралелно со овие активности, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци спроведоа сообраќајно-превентивна акција со акцент на опасностите од управување возило под дејство на алкохол.
Во рамки на активноста, на возачите им беше укажано дека алкохолот сериозно ги намалува возачките способности, ги нарушува психомоторните функции и претставува сериозна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да бидат одговорни учесници во сообраќајот, особено во текот на летната сезона, кога сообраќајната фреквенција е значително зголемена.
Дума.мк


